Рубрика: Историја и археологија
Почетоците на македонската и сесловенската писменост
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 24.05.2019 - 17:45

Денес, кога го одбележуваме денот на македонските и сесловенските просветители Кирил и Методиј и на сесловенската писменост, накратко да се потсетиме на досега познатите факти за глаголицата и за нејзините создатели.

Глаголското писмо, или глаголица, на старословенски нарекувана и кириловица (Кѷрїлловица, ⰽⱛⱃⰻⰾⰾⱁⰲⰻⱌⰰ) е најстарата позната словенска азбука. Како што стои забележано во историските записи, пред постоењето на глаголицата, Словените користеле “рецки и црти“, но се служеле и со латинското и со грчкото писмо. Писмото е составено врз основа на гласовниот систем на македонскиот дијалектен говор од солунскиот крај, врз чијашто основа Кирил и Методиј формирале општословенски книжевен јазик.

Се истакнуваат најмалку две клучни цели за да се преземат неопходните стратешки и технички мерки за создавање на посебно писмо наменето за старите Словени, вклучително и на македонските, кои ги населувале просторите на Македонија, дел од Источното Римско Царство (Византија), кое се соочувало со постоење на народен јазик различен од службениот ’византиско-грчки’ коине.

Првата цел била популаризација на христијанската религија на јазикот на словенските / славјанските народи, вклучително и на јазикот на македонските Словени, со што директно би се наметнало и би се зголемило политичкото влијание на византиската црква и престол. Втората цел е поврзана со неодложната потреба,(веројатно и желба) да се создаде посебна азбука усогласена со говорните својства на јазикот на старите Словени. Имено, јазикот на старите Словени, за којшто постојат пишани информации и споменици веќе од седмиот век, имал свој посебен идентитет и бил високоразвиен знаковен, комуникациски и информативен систем на букви и на говорни обрасци. Старите словенски народи користеле туѓи писма за искажување на својата јазична култура, но тие туѓи писма немале моќ да ги изразат сите говорни специфики на старословенскиот јазик. Токму затоа Кирил создал нова азбука – глаголица.

Името глаголица доаѓа од старословенскиот збор глаголи, што значи “зборува“, “кажува“, “говори“, “вели“, “изрекува“. За точното време на нејзиното создавање нема прецизен податок, а се посочуваат годината 855 или периодот од 862 до 863 година. Глаголицата е користена за преведување на Библијата и други книги на словенските јазици. Во 862 година, Ростислав, кнезот на Велика Моравија, тежнеејќи  да се ослободи од зависноста и влијанието на источните франкиски свештеници, побарал од византискиот император да му испрати дваjца мисионери, а тој во 863 година ги испратил Кирил и Методиј.

Азбуката била користена во Велика Моравија меѓу 863 и 885 година, за владини и за  црковни документи, како и во Великоморавската школа основана од Кирил, во која ги подготвувале идните свештенослужители и учители за западните словенски народи. Тука наишле на голем отпор од германските свештеници, коишто ги обвиниле браќата за ширење ерес, по што тие биле принудени да појдат во Рим и да го докажат своето правоверие. Во Рим биле примени со големи почести, од папата Адријан II. Тој ги одобрил словенските богослужбени книги и наредил да бидат поставени во олтарот на црквата Санта Марија Маџоре и богослужби да се вршат на словенски јазик во три римски цркви. Кирил во Рим тешко се разболел и починал на 14 февруари 869 година. Методиј сам го продолжува епохалното мисионерско дело меѓу западните Словени, со помош на своите ученици, кои во Рим биле ракоположени во свештенички чин. Но, непријателството од германските свештеници не престанувало. Истоштен од напорите, Методиј починал во Нитра, во 885 година.

Делото на солунските браќа по смртта на Методиј паднало во голема криза, но благодарение на нивните најдаровити ученици – Климент и Наум, охридските учители и просветители, ползувајќи се со својот мисионерски метод, останале жив образец за мисионерите на сите времиња.

Глаголицата на почетокот има 41 буква, но подоцна е сведена на 38. Дваесет и четири од тие 41 буква водат потекло од графеми во средновековното курзивно грчко писмо (малите букви), но во глаголицата тие имаат орнаментален изглед. Се претпоставува дека буквите ша, шта и ци доаѓаат од хебрејското писмо (буквите шин и цади) — фонемите кои овие букви ги означуваат не постоеле во грчкиот, но постојат во хебрејскиот и се чести во повеќето словенски јазици. Другите букви се со непознато потекло. За некои од нив се претпоставува дека се засноваат на хебрејски и на самаритските писма, кои Кирил ги научил за време на неговата мисија кај Хазарите.

Официјално, глаголицата се смета за најстара словенска азбука, која ѝ претходи на кирилицата која, пак, е основа за современите кирилски писма. Глаголицата во Македонија се користела најмалку четири века (од IX до крајот на XIII век) и се поврзува со Охридската книжевна школа и нејзините центри и следбеници во Македонија, независно на која државна структура (империја, царство) таа ѝ припаѓала.

Во XI век, Црквата го прогласила 24 мај (11 мај, според стар стил) за ден на светите просветители Кирил и Методиј.

Клучни зборови:
Кирил и Методија, споменик поставен пред Камениот Мост во Скопје

Кирил и Методија, споменик поставен пред Камениот Мост во Скопје Фото – извор: Википедија, автор: Desptop