Во понеделник во Торонто, Канада, беше отворена една од најбрзо растечките конференции во Северна Америка посветена на современата технологија и нејзиното влијание. Конференцијата, нарекувана и антипод на CES, се одржува петта година по ред и веќе го сврте кон себе вниманието на сите во ИТ индустријата. Во прилог на ова говорат и следниве бројки – 25 711 посетители од 125 земји во светот, потврденото учество на над 700 говорници и над 3750 CEO-a во настаните коишто ги следат над 750 новинари, меѓу кои, секако, и оние на Блумберг, Вол Стрит, Вајард, Политико, CNBC, Фаст Компани... А ако ова не е доволно да ве увери во нејзиното значење, имајте предвид дека конференцијата ја отвори лично канадскиот премиер Џастин Трудо.
Collision се одржува веднаш по европскиот Web Summit и веќе изгради репутација за место каде се среќаваат едни од најголемите светски играчи и трговци на полето на технологијата, но истовремено издвојува и голем простор за претставување на малите, штотуку започнати технолошки компании коишто придонесуваат во развојот на ИТ индустријата, а од кои многу се очекува. Согласно мотото на конференцијата на неа се добредојдени сите кои се справуваат со големите предизвици на современата ИТ индустрија. На повеќе сцени се одржуваат панел дискусии и презентации на теми чијшто опсег покрива речиси сè – од информатиката како наука и теориски научни содржини, до чисто практични примени и изведби во повеќе индустрии и полиња од животот воопшто, меѓу кои во автомобилската техника и во одржливоста на животната средина. Посебно место се посветува и на застапеноста на жените во ИТ-индустријата, со теми врзани со предизвиците со коишто тие се соочуваат во оваа средина. Токму затоа не треба да чуди и податокот што оваа година 47,5% од посетителите на Collision се жени, што е поголема процентуална застапеност од онаа постигната на европскиот Web Summit.
Првата вечер по Џастин Трудо, на сцената се појави актерот и продуцент Сет Роген придружен од Еван Голдберг, кои говореа за нивната нова компанија за преработка на канабис. Дискусијата врзана за предизвиците со коишто се соочува оваа релативно нова индустриска гранка, ја водеше Каран Ведера од Каза Верде Капитал.
Вчера на сцената се појави уште едно познато лице од Холивуд, актерот Џозеф Гордон Левит којшто говореше за HITRECORD, неговата онлајн платформа за соработка на креативците. Во моментов оваа платформа има над 700 000 корисници од различни страни на светот коишто меѓусебно разменуваат искуства и соработуваат на повеќе полиња. Левит има големи планови за развој на платформата за онлајн соработка, а кои целат кон тоа да им се овозможи на луѓето заеднички да создаваат на начин што ќе го извлече најдоброто од нив, постигнувајќи резултати што самите не би можеле да ги досегнат како поединци.
Глобалниот уметник Акон ги претстави неговите големи планови за Акоин, новата криптовалута што тој ја создаде со цел за да ги поттикне младите африкански претприемачи и да им помогне на ранливите заедници во развој. Тој дури планира и изградба на град во неговиот роден Сенегал, каде главна вредност би била оваа криптовалута. За градот веќе се збори како за Ваканда во реалниот свет.
На централната сцена Кара Свишер, уредник на Рикод сегментот на Vox, разговараше со Ив Вилијамс, коосновачот на Твитер и основач и CEO на Medium, за тоа што го возбудува како инвеститор и претприемач, како и за неговиот живот по успехот на Твитер. Свишер потоа разговараше и со поранешниот директор за безбедносни прашања во Фејсбук, Алекс Стамос, за начините на којшто големите технолошки компании може да ја повратат довербата на корисниците. Воглавно Стамос верува дека клучот во решавањето на многу проблеми врзани со безбедноста и заштитата на приватноста, се наоѓа во балансот помеѓу добро извршената техничка работа и преземањето на онлајн одговорност од страна на самите корисници за начинот на којшто тие ги користат онлајн платформите.
Од мноштвото дискусии ја издвојуваме и онаа со раперот, пејач и продуцент Тимбаланд со коосновачот на Мастер Клас, Дејвид Риџиер. Во дискусијата тие ги истражија патот којшто Тимбаланд ги изоди од неговите почетоци и првата Греми награда до денес. Низ разговорот повеќе корисни совети и препораки беа дадени на младите изведувачи и претприемачи коишто штотуку ја започнуваат нивната кариера и бизнис.
Пообемен извештај во печатеното списание на ЕМИТЕР.
Што се случуваше првата вечер