Рубрика: Астрономија и астронаутика
Гравитациските бранови ја откриваат популацијата на црните дупки
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 21.05.2019 - 11:00

Судир на црни дупки (уметничка визија)

Не помина долго време откако астрономите во месец февруари 2016 година го детектираа постоењето на гравитациските бранови, предвидено уште пред 100 години од Алберт Ајнштајн. Идентификацијата е реализирана откако космолозите претходно следеле две меѓусебно поврзани црни дупки, кои сè повеќе се приближувале, додека конечно не се судриле, притоа создавајќи гравитациски бранови. Детекцијата на гравитациските бранови истовремено значеше и потврда за постоење на “двојни” црни дупки.

Потоа гравитациски бранови се идентификувани уште 6 пати, создадени при особено јаки космички настани, како што се судири на црни дупки или неутронски ѕвезди. Но, според космолозите, тие детекции на гравитациски бранови се само мал дел од вкупниот број такви случувања коишто создаваат гравитациски бранувања. Имено, космолозите сметаат дека такви бранувања се случуваат на секои неколку минути, па така, годишно ги има околу 100 000, меѓутоа повеќето од нив остануваат незабележани. Но, како тие да се детектираат, тоа е следната преокупација на космолозите, објавена е во списанието Physical Review.

Напредните опсерватории, како американската LIGO и европската Virgo, се способни да ги идентификуваат само почетните, “ударни” гравитациски бранови, но, во продолжение на тие почетни бранови следи долготрајно, многу слабо гравитациско “шумолење” (long-sought-after hum), кое како “метеж” се инкорпорира во гравитациското браново заднинско зрачење. Тоа многу слабо “шумолење”, сепак, има своја специфична фреквенција според којашто би можело да се детектира со екстремно осетливи приемници, а тоа според Ерик Трејн (Eric Thrane), астрофизичар на ARC (Australian Research Council) центарот, Австралија, би било од особено научно значење. Еве ја неговата изјава дадена на прес-конференција:

Кога ние ќе бидеме способни во гравитациското заднинско зрачење да го идентификуваме и да го студираме тоа гравитациско “шумолење” (long-sound-after hum), ќе можеме многу попрецизно да ја утврдиме популацијата на црните дупки во космосот, а еден ден во иднина, можеби ќе бидеме способни да детектираме гравитациски бранови продуцирани и од Биг-Бенгот”.

 Но, сето тоа за да се реализира, нужно е истражувачите да располагаат со екстремно силен суперкомпјутер, способен да изведува околу 10 000 операции во една секунда, односно да е 125 000 пати побрз во споредба со постоечките суперкомпјутери. На конструкција на таков суперкомјутер веќе работи една научна група во наведениот ARC центар. Проектот е наречен OzGrav, а финансиран е од австралиската влада. Веќе се извршени извесни тестирања на новоизградената техника. Имено, користејќи податоци од слаби сигнали креирани со компјутерска симулација, конструкторите констатирале недвосмислен доказ за појава на наведениот гравитациски “метеж”, којшто се појавува во заднинскиот шум, по гравитацискиот “ударен” бран при судир меѓу две црни дупки. Останува уште наодот да биде потврден со реални податоци, креирани во вистинит судир на црни дупки.

Па, ќе причекаме на тоа!

Клучни зборови:
Судир на црни дупки (уметничка визија)

Судир на црни дупки (уметничка визија)

Гравитациски бранови (уметничка визија)

Гравитациски бранови (уметничка визија)