Неодамна палеонтолозите објавија дека откриле фосилни остатоци од нов вид на древен хоминид. Фосилните остатоци се откопани во една пештера на островот Лузон, на северниот дел од Филипините, и се датирани со старост од околу 50 000 – 67 000 години, период кога нашите предци и неандерталците веќе широко биле распространети во Европа и во Азија.
Ширењето надвор од Афика започнало уште пред околу 1,5 милион години, со појавата на видот Homo erectus (исправен човек), којшто овој назив го доби поради тоа што е прв хоминид кај кого антрополозите констатирале промена на карличниот зглоб, приспособен за долго исправено движење на две нозе. Новооткриениот фосил е наречен Homo luzonensis, според името на островот Лузон каде што е откриен, а откритието беше објавено во научното списание Nature. Главниот автор на објавата, Флорен Детроа од Националниот историски музеј во Париз, изјавил дека откритието им даде на научниците нов аргумент во врска со еволуцијата на хоминидната популација. Имено, тој вели: “Сега знаеме дека таа еволуција имала многу покомплексна историја, со истовремена паралелна појава на неколку други различни “Хомо” видови, коишто завршиле во “слепа улица”, а еден од нив е и наведениот новопронајден Хомо лузонензис. Оттаму ние гледаме дефинитивна потврда дека во блиското минато, Хомо сапиенсот не егзистирал наполно сам на Земјата”.
Ископаниот фосил не е целосен, тој се состои од само 7 заби, 2 коски од рацете, 3 ножни коски и една бедрена коска. Се претпоставува дека наодите припаѓаат на две возрасни индивидуи и на едно дете. Невообичаено малите димензии на забите укажуваат на тоа дека индивидуите не биле повисоки од еден метар и триесетина сантиметри. Многу интригантна констатација е закривеноста на коската на прст од ногата, што наликува на анатомијата на далеку постарите древни врсти, какви што се Австралопитекусите (australopithecus), датирани со старост 2 - 3 милиони години, познати само во Африка. Ваквата анатомија истовремено кореспондира и со својството за двоножно движење и со својството за качување по дрвја. Но, многу поинтригантно е прашањето како Хомо лузоненсис дошол на островот Лузон, кога се знае дека тој остров никогаш не бил поврзан со матичното копно? Една можност е дека уште тогаш индивидуи започнале да се движат по морската површина користејќи примитивни сплавови (скелиња). Другата можност, во којашто до пред извесно време верувале поголемиот број научници, е дека од копното биле донесени и исфрлени на островот по некоја природна катастрофа, како на пример, цунами. Меѓутоа, според Детроа, неодамна пронајдени се многу докази дека вакви суштества се распространиле и на некои други острови во Југоисточна Азија, па е многу неверојатно дека тоа се случило под дејство на некои природни катастрофи. Уште едно, исто така интригантно прашање постави Chis Stringer, управник на Природонаучниот музеј во Лондон. Според него, клучно е прашањето која била причината за исчезнувањето на овој вид и дали во тоа можеби удел имале нашите претци од видот Хомо сапиенс? Сепак, според антрополозите, не може со сигурност да се каже дали ширењето на видот Хомо сапиенс на тој простор во периодот пред 50 000 години имало удел во поморот на видот Хомо лузоненсис, па прашањето останува без одговор.