Лажните информации можат да имаат далекусежни последици врз општествените текови и формирањето на јавното мислење. Едно ново истражување дава насоки за справување со лажните вести.
Истражувањето објавено во Proceedings of the National Academy of Sciences презентира нови докази дека предубедувањата на луѓето, во врска со изворот на информациите, влијаат врз тоа како тие ги восприемаат дадените информации, дури и на ниво на автоматски одговори. Исто така, откриено е и дека новите информации можат да ги променат, па дури и да ги поништат постоечките впечатоци предизвикани од лажните вести.
"Сакавме да дознаеме дали понудата на информации за изворот на вестите влијае на нивниот прием кај луѓето, на ниво на автоматска реакција", вели Мелиса Фергусон, ко-автор на трудот и професор по психологија на Универзитетот Корнел. "Дали знаењето дека нешто е лажно има суптилни ефекти коишто подоцна може да го обликуваат и да влијаат врз нашето мислење и однесување кон личноста? Нашите истражувања укажуваат на тоа дека воспоставувањето на кредибилитет на изворот на вестите е вистинската политика при сузбивањето на лажните вести".
Фергусон и нејзините колеги спровеле седум експерименти во коишто биле вклучени над 3 100 учесници за да проценат на кој начин вистината како вредност во новите информации за другите влијае кај лиѓето во поглед на нивните пријавени реакции но и на ниво на нивните автоматски реакции. Експериментите вклучувале од користење на видео-игри и на наративи од меѓугрупни конфликти до истражувања коишто се однесувале на измислениот лик по име Кевин.
Истражувачите го користеле Кевин за да проценат како ставовите кон него се менувале во зависност од тоа какви информации за него биле презентирани. Во еден експеримент, Кевин бил прикажан во позитивно светло. На учесниците им било кажано нешто вознемирувачко, вклучително и дека бил уапсен поради насилство врз неговата сопруга. Истражувачите откриле дека кога веста за апсењето доаѓа од полициски извештаи, ставовите на ниво на автоматска реакција кон Кевин веднаш биле понегативни. Но, кога за истата информација како извор била посочена пријателка на поранешната девојка на Кевин, учесниците го задржале својот позитивен став кон Кевин.
"Поинаку кажано, убедувањето на учесниците во вистинитоста на новата информација, се рефлектирало и врз потсвесните автоматски чувства", пишуваат истражувачите. "Во одделен експеримент ова се случило дури и кога учесниците првично сметале дека информациите се вистинити а подоцна откриле дека тие доаѓаат од сомнителен извор".