Астрономите ги искомбинираа сликите од набљудувањата направени од вселенскиот телескоп Хабл во последните 16 години за да создадат еден огромен мозаик. Мозаикот е наречен Опсегот на наследството на Хабл (Hubble Legacy Field), и на него се прикажани приближно 265 000 галаксии. Значи не ѕвезди, галаксии!
Имајќи го предвид времето потребно за светлината да дојде до нас, некои од галаксиите прикажани во мозаикот веројатно настанале само 500 милиони години по Големиот прасок (Биг Бенгот). Најбледите и најдалечните од нив сјаат со само десет милијардити дел од светлината којашто човечкото око може да ја детектира.
Во изработката на мозаикот биле вклучени фотографиите од Хабл направени при набљудувањата во повеќе бранови подрачја – од ултравиолетовото до блиско-инфрацрвеното светлинско подрачје.
Мозаикот се состои од 7500 посебни фотографии, направени во 31 одделни проекти на Хабл. Тимот којшто ја изработи оваа слика сега работи и на втора слика, којашто ќе вклучува 5200 фотографии.
Оригиналните фотографии се достапни преку Микулски архивата за вселенски телескопи (Mikulski Archive for Space Telescopes – MAST).