Кинеските астрономи идентификуваа ѕвезда во Млечниот Пат за којашто веруваат дека не потекнува од нашата галаксијата.
Во трудот објавен во списанието Nature Astronomy, тимот предводен од Кјан-Фан Гзинг од Националната астрономска опсерваторија на Кинеската академија на науките во Пекинг, ја опишуваат ѕвездата со ознака J1124 + 4535, лоцирана во соѕвездието Голема Мечка (Ursa Major).
Научниците се заинтересирале за оваа ѕвезда откако при набљудувањата направени со помош на кинескиот спектроскопски телескоп ЛАМОСТ било забележано дека таа содржи невообичаено ниско ниво на магнезиум.
Со цел да дојдат до повеќе детали, и појасна слика, истражувачите во понатамошните набљудувања се префрлиле на телескопот Субару на Хаваите, користејќи го неговиот спектрограф со висока дисперзија (High Dispersion Spectrograph – HDS).
Овие набљудувања го потврдиле недостатокот на магнезиум, но истовремено откриле и релативно високи нивоа на еден друг елемент – европиум.
Ваков соодносот помеѓу овие два елемента никогаш претходно не бил пронајден во некоја ѕвездата од Млечниот Пат. Ова откритие покрена низа прашања врзани за потеклото на J1124 + 4535.
Ѕвездите се формираат во масивни облаци од меѓуѕвезден гас, поради што ваквите региони се нарекуваат и ѕвездени јасли. Ова значи дека ѕвездите во било кое дадено соседство, коишто се формирале од истиот облак, имаат многу сличен хемиски состав. Но, ова не е случај со J1124 + 4535, што значи дека потеклото на оваа ѕвезда е различно.
Кјан-Фан и неговите колеги укажуваат дека ѕвезди со слични аномалии во соодносот на елементите што ги содржат се забележани кај џуџестите галаксии во близина на Млечниот Пат.
Тие предлагаат дека ѕвездата, којашто била предмет на нивните набљудувања, претставува доказ дека во некоја фаза од далечното минато слична џуџеста галаксија се споила со Млечниот Пат. Тимот понатаму вели и дека хемискиот состав на ѕвездата укажува на тоа дека помалата галаксија веќе била сосема “зрела” кога се споила со Млечниот Пат.