Се чини дека и песокот понекогаш може да клокоти, формирајќи меури на површината. Едно истражување предводено од хемискиот инженер Крис Бојс од Факултетот за инженерство и применета наука при Универзитетот Колумбија, САД, откри ново семејство на гравитациски нестабилности кај грануларните честички. Во конкретниот случај се работи за два различни типа песок со различна грануларна густина за коишто е забележано дека се однесуваат согласно механизмите за канализирање на гасови кои претходно не се забележани кај флуидите.
Бојс и неговиот тим во интеракцијата на двете песочни маси со различен вид на гранули забележале нешто што наликува на феноменот познат како Рејли-Тејлорова нестабилност, односно скратено Р-Т нестабилност. Р-Т нестабилноста често се среќава во физиката на флуидите, во ситуации кога две течности со различни густини доаѓаат во контакт. Типичен пример за оваа нестабилност е, на пример, плутањето на слој од вода над слој од масло, флуидна механика што така вешто се користи кај таканаречените лава-ламби.
Лава-ламба – типичен пример за механизмот Р-Т нестабилност
Во движењето и однесувањето на песокот и претходно се забележани својства карактерични за флуидите, но, како што вели Бојс, ова е прв пат да биде забележана и појава на R-T нестабилност.
"Сметаме дека нашето откритие е од големо значење", вели тој. "Нашите наоди не само што можат да ги објаснат геолошките формации и процеси при формирањето на минералните седиментни наслаги, туку подеднакво можат да се искористат и во технологиите за обработка на прав во енергетската, градежната и фармацевтската индустрија".
Меур од полесен песок, на сликата забележлив како сина боја, се формира во внатрешноста на постелката од потешки зрна
Резултатите од истражувањето се објавени во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.