Најмалата планета во нашиот Сончев систем во својата внатрешност крие цврсто масивно јадро.
Сондата Месинџер на НАСА, при своето последно патување околу Меркур, пред да се урне на неговата површина во 2015 година, се приближи до планетата, овозможувајќи им на научниците детални мерења на нејзината гравитација, ротација и внатрешна структура. Токму овие податоци укажуваат на тоа дека Меркур има цврсто внатрешно јадро со пречник од околу 2 000 километри, што претставува околу половина од целото негово јадро.
Научниците веќе знаеја дека јадрото на Меркур е огромно и дека сочинува околу 85% од планетата. Во 2007 година, радарските набљудувања направени од Земјата открија мали осцилации во ротацијата на Меркур, што укажуваше на можноста дека одреден дел од неговото јадрото е течен. Потоа, податоците од Месинџер го детектираа слабото магнетно поле на планетата коешто го генерира движењето на стопен метал во течно јадро. Но, сè досега, не беше познато дали Меркур има цврсто внатрешно јадро, како Земјата.
Следејќи ги ситните промени во орбиталната брзина на вселенското летало предизвикани од суптилните варијации во гравитациското привлекување, Месинџер ја измери распределбата на масата на Меркур, што овозможи проучување на внатрешната структура на планетата. Преку овие податоци, научниците успеале да го проценат внатрешниот состав што најсоодветно ќе ја објасни ротацијата на Меркур.
Од сите карпести планети во Сончевиот систем, само Земјата и Меркур имаат магнетни полиња генерирани од нивните јадра. Ваквите полиња можат да ги заштитат планетите од наелектризираните честички што во постојан наплив доаѓаат од Сонцето. Но, јадрото на Меркур се лади и зацврснува многу побрзо од јадрото на Земјата. Цврстото внатрешно јадро на Земјата во моментов зазема само околу една третина од севкупното јадро на нашата планета. Па така, преку набљудување на промените што се одвиваат во длабоката внатрешност на оваа планета и начинот на којшто тие влијаат врз нејзиното магнетно поле, може да добиеме увид во идните случувања со магнетното поле на нашата планета.
Откритијата беа објавени на почетокот од овој месец, во Geophysical Research Letters.