Оваа неверојатна фотографија на Јужната маглина Рак, со форма на песочен часовник, беше направена по повод 29-годишнината на вселенскиот телескоп Хабл во вселената. Маглината, создадена од бинарен ѕвезден систем, е една од многуте небесни објекти кои Хабл ги демистифицираше за време на неговата досегашна работа. Спомнатата фотографија освен што ги демонстрира способностите на телескопот, понуди и нов, подлабок увид во оваа маглина.
Вселенскиот телескоп Хабл, како заедничка мисија на НАСА и ЕСА, беше лансиран на 24 април 1990 година со спејсшатлот Дискавери. Со неговата работа телескопој ја револуционизираше астрономијата и засекогаш го промени начинот на којшто го перцепираме космосот. Секоја година, телескопот издвојува мал дел од неговото драгоцено време за да направи фотографија којашто ја одбележува годишнината од неговата работа. Досега се снимени повеќе особено убави и значајни објекти, а оваа година во фокусот на Хабл се најде Јужната маглина Рак.
Како што веќе кажавме погоре, оваа интересна маглина е создадена при интеракцијата на парот на ѕвезди лоцирани во нејзиниот центар. Ѕвездениот пар се состои од црвен џин и бело џуџе. Црвениот џин се наоѓа во последната фаза од својот живот во којашто ги губи неговите надворешни слоеви, по што ќе се трансформира во бело џуџе. Дел од материјалот исфрлен од црвениот џин го повлекува гравитацијата од неговиот придружник. Кога белото џуџе ќе собере доволно голема количина од овој материјал, тоа со ерупција повторно го исфрла материјалот назад во просторот , при што се создаваат сложените структури што може да се забележат во оваа маглина. Овој процес на исфрлање-собирање-повторно исфрлање на материјалот ќе престане кога црвениот џин ќе остане без надворешните слоеви што го хранат неговиот придружник. Но, дотогаш процесот сигурно ќе се повтори неколку пати, создавајќи уште покомплексни структури во оваа маглина.
Објектот за првпат беше забележан во 1967 година, но сè до 1989 година се претпоставуваше дека се работи за обична ѕвезда. Набљудувањето од Европската јужна опсерваторија Ла Сила, направено таа година, покажа дека се работи за издолжена маглина во форма на рак, формирана од симетрични меури на гас и прав. Овие набљудувања ја детектираа само надворешната форма на песочен часовник што се издолжува од светлата централна област чијшто состав и потекло остана мистерија до набљудувањата направени со помош на Хабл во 1998 година, при коишто се откри целата структура на маглината.
Оваа слика ги откри внатрешните вгнездени структури, укажувајќи на тоа дека феноменот што ги создал надворешните меури се случил двапати во (астрономски) блиското минато.
Хабл се насочува кон овој објект по дваесет години од првото набљудување. Новата слика открива нови детали во приказната на овој активен и еволуирачки објект и придонесува за уште поголем респект кон улогата на Хабл во продлабочувањето на нашето разбирање на универзумот.