Рубрика: Хемија
Конечно – пронајдена првата молекуларна врска во унивезумот
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 18.04.2019 - 14:30

Добро де, не баш нај, нај, најпрвата физички...ОК? Да појасниме за што поточно станува збор. За тоа е потребно да се вратиме назад во времето, многу одамна, во периодот непосредно по Биг-бенгот, пред речиси 14 милијарди години.

Во одредена смисла, хемијата непосредно по Биг-Бенгот била мошне едноставна. Најнапред се појавиле јоните, првенствено од најлесните елементи – водород и хелиум, со траги од литиум и берилиум. Како што температурата почнала да опаѓа, движејќи се кон 4000 Келвина, овие јони почнале да се комбинираат со слободните електрони и да формираат неутрални атоми. Потоа, неутралните атоми на хелиум придодале уште еден протон со што се формирал хелиум хидрид – првата молекуларна врска во историјата на универзумот. Но, оваа врска не била којзнае колку стабилна. Хелиум хидридот брзо се распаѓал и создал услови за создавање на молекуларен водород.

Оваа преодна молекуларната комбинација на хелиум хидридот уште во 1925 година била изолирана во лабораторија, но сè досега таа никогаш не била забележана во вселената. Сега, соединението коешто се смета за првата молекуларна врска што било кога се формирала во универзумот, за првпат е откриено во една млада планетарна маглина оддалечена 3000 светлосни години од Земјата. Откритието, објавено во Nature, дава солидна поткрепа на стандардниот модел којшто ги опишува настаните непосредно по Биг-бенгот.

Научниот тим под водство на Ролф Гистен од Институт за радиоастрономија Макс Планк во Бон, Германија, извести за успешна детекција на споменатиот јон во далечната планетарна маглина NGC 7027. Откритието беше направено откако Гистен и неговите колеги ги анализирале податоците собрани во 2016 година со помош на спектрометарот со висока резолуција вграден во стратосферската опсерваторија за инфрацрвена астрономија, односно леталото познато како SOFIA. SOFIA (Stratospheric Observatory for Infrared Astronomy) е заеднички проект на НАСА и ДЛР – Германскиот центар за вселенски, воздухопловни и енергетски истражувања.

NGC 7027 била примарна цел во “ловот” на хелиум хидроксид. Ова се должи на фактот што се работи за многу млада маглина и токму поради тоа хемиските услови во неа се релативно слични со оние во раниот универзум.

Како што велат истражувачите, денес, во современиот свет, оваа молекуларна врска има ограничена важност, но сепак треба да се има на ум дека "хемијата на универзумот започнала со овој јон".

Клучни зборови: