Сигурно сте забележале дека на некои врати во многу фирми и организации стои натписот “Забранет влез за невработени“. Веројатно сакале да кажат “Забранет влез за оние кои не работат во оваа фирма“, но претходното може да се протолкува и на друг начин, па така еднаш одамна, во младите луди години, еден мој другар шегаџија намерно, ноншалантно влезе низ една таква врата “Забрането за невработени“. Се разбира, веднаш беше непријателски пречекан со зборовите “Знаеш ли да читаш?“, на што молневито следеше одговорот: “Јас сум вработен веќе 2 години!“
Веројатно поучени од некоја таква слична случка, на една врата, во една фирма го најдов овој натпис. Џабе им е, сигурно ќе се најде некој друг шегаџија што ќе им застане пред вратата и нема да пушта никого!
Инаку, правилно е да се напише “Само за персоналот“, што е превод од англиското “Stuff only“, што успешно се применува низ светот веќе неколку стотини години. Нема потреба да се измислува топла вода. Интересно е како некои очигледно погрешни и нелогични јазични конструкции се одомаќинуваат, наместо да се применат решенија веќе познати и признати во светот. А мислам дека имавме предмет Македонски јазик, па и Логика во школите, па и некојси Институт за македонски јазик?