Рубрика: Биологија
Уранетата пролет го нарушува животот на инсектите и птиците
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 11.04.2019 - 14:30

Животот на животните се одвива во склад со годишните времиња, парење зиме и рана пролет, раѓање напролет, подигање на младите лете, миграции и подготовка за зима во доцно лето и есен, хибернација и мирување зиме. И така овој циклус се повторува од памтивек. Но, климатските промени сè почесто ја нарушуваат редовната временска шема на сезоните, а последиците за животните може да бидат полоши од досега предвидуваното.

Една нова студија, објавена во Global Change Biology, укажува дека прераното доаѓање на пролетта, што е последица на климатските промени, би можело да предизвика хаос во животот на птиците, пеперутките и другите инсекти во Обединетото Кралство, каде што е спроведено истражувањето.

Имено, било забележано дека јајцата на некои видови се изведуваат порано отколку порано, па така, миграторните птици, чијашто прехрана се базира на свежо изведените гасеници, кога ќе стигнат до нивните дестинации понекогаш не успеваат да најдат доволно храна за да се најадат. Научниците се надеваа дека ладот во сенката на шумите може да ги ублажи овие промени предизвикани од температурата, но новото истражување коешто опфати 263 видови укажува дека, помеѓу 1960 и 2010 година, голем број шумски видови го коригирале своето однесување подеднакво брзо како оние видови што живеат во сончеви пасишта или во обработливо земјиште.

Новото истражување открива и дека шемата на промени во Обединетото Кралство е далеку посложена отколку што претходно се мислеше, што значи дека зачувувањето на некои загрозени видови ќе претставува уште поголем предизвик.

Клучни зборови: