Речиси секојдневно од светот на науката доаѓа некоја вест за некои новооткриени бенефити на некој витамин или минерал. Соочени со ова мноштво од информации секој од нас, макар и повремено, зема барем некаков вид на витамински суплементи, Ц витамини при настинка, Б витамини за нервите, железо за подобрување на крвта, Д витамин, калциум, цинк... Но, колку и дали вистински имаме корист од нив?
Едно ново научно истражување спроведено од Универзитетот Тафт во САД, вели дека ефектите од витамините што ги примаме преку исхраната и оние што ги внесуваме во вид на апчиња, се сосема различни. Како што укажуваат научниците во нивниот труд објавен во Annals of Internal Medicine, витаминските и минералните суплементи во најдобар случај се фрлање на пари, додека во најлош случај се во корелација со зголемена стапка на смртност.
Специјалистот за исхрана Фанг Фанг Жанг, којшто е водечкиот автор на трудот, открива дека соодветното внесување на витамин К и магнезиум е навистина поврзано со намалена стапка на смртност, по било која основа, но ова е точно само ако изворот на витамините е храна, а не витамински додаток (суплемент во форма на таблети или капсули).
Од друга страна, внесувањето на вишок калциум, вклучувајќи и од суплементи, било поврзано со повисоката стапка на смрт предизвикана од рак. Внесувањето на витамин Д, кај лица без недостаток од овој витамин, било поврзано со повисока стапка на смртност од повеќе различни причинители.
Како што вели Жанг “Потребно е да ја разбереме улогата што нутриентот и неговиот извор ја имаат во здравствениот исход, особено ако овој ефект можеби негативен”. Да се потсетиме дека нутриенти се состојките во нашата храна кои се есенцијални за здравјето: карбохидрати, липиди, проптении, витамини, минерали и вода.
Истражувањето се заснова на податоците добиени од 27 725 возрасни лица кои одговориле на прашалникот за нивното здравје и начин на исхрана, а коишто имале најмалку еден целосно пополнет запис за нивната исхрана во текот на 24 часа во Американското национално истражување за здравјето и исхраната спроведено помеѓу 2006 и 2011 година.
Повеќе од половина од учесниците употребувале најмалку еден додаток во исхраната во претходниот месец, од кои 38% земале мултивитамин или некој вид на минерален производ. Интересно е што корисниците на суплементи почесто од останатиот дел од популацијата ги примале хранливите материи преку исхраната. Тие исто така биле постари, побогати, во најголем дел од белата раса, пообразовани, физички активни и повеќето биле жени. Покрај ова тие поретко биле пушачи, во помал процент злоупотребувале алкохол и многу малку страдале од гојазност. Со други зборови, биле богати луѓе кои добро се грижеле за своето здравје.
Како заклучок Жанг истакнува дека резултатите од нивното истражување “одат во прилог на идејата дека иако внесувањето на нутриенти преку суплементите придонесува за зголемување на вкупното ниво внесени хранливи состојки, бенефити постојат само кога внесувањето на нутриентите е преку храната што, пак, не е случај кога внесувањето е преку земањето на суплементи”. Природно си е природно!
Според зборовите на тимот, “Истражувањето ја потврдува и важноста на идентификацијата на изворот на хранливата состојка кога се проценува стапката на смртност.”