Кој друг ако не Јапонците, кои во последно време станаа опседнати со овие крзнени топчиња топлина, би спровел вакво истражување?
Секој што кога било чувал мачка е запознаен со нивниот независен дух и навиката најчесто да ги игнорираат повиците на нивниот газда, пардон, цимер Сега, истражувањето на јапонските научници потврди дека мачките многу добро знаат како се викаат, но едноставно избираат да ги игнорираат нашите повици. И ова не се однесува само на “скуќените” домашни мачки.
Научниот тим “зборувал” со 78 мачки што живеат во домашни услови и во популарните јапонски мачешки кафулиња (cat cafés). Било забележано дека при зборувањето, мачките ја распознавале употребата на нивното сопствено име помеѓу другите зборови во изговорената реченица, дури и кога им се обраќала непозната личност. Притоа мачките од кафулињата покажале помала способност да ги разликуваат нивните сопствени имиња од имињата на другите мачки што живеат во истата средина. Според истражувачите, ова најверојатно се должи на тоа што овие мачки покрај нивното сопствено име многу често ги слушаат и имињата на другите мачки од групата, па така тие ги поврзуваат сите имиња од нивната група со награда или со казна.
Истражувањето го предводеше Ацуко Саито од Одделот за когнитивна и бихејвиорална наука при Универзитетот во Токио, а во него биле вклучени и експерти од областа на психологијата, мозочното однесување и детското образование.
Иако во трудот објавен неделава во Nature, истражувачите признаваат дека во истражувањето биле вклучени мачки само од едно кафуле, како и дека во рамките на една ваква групна средина може да постојат поголем број променливи фактори, сепак тие се мошне сигурни во својот заклучок дека мачките ја распознаваат содржината на човечкиот говор врз основа на фонемските разлики. Ова накратко значи дека слободно може да продолжите да разговарате со вашата мачка, таа сигурно ве разбира, дури и кога не ви одговара.
Неколку претходни истражувања веќе покажаа дека кучињата одговараат на вербални команди од човекот, но способноста на мачките за разбирање изговорени зборови беше помалку позната, веројатно поради потешката “соработка” од нивна страна. Имено, распознавањето на човечкиот говор кај кучињата се тестира со употреба на команди и задавање задачи. Извршувањето на овие задачи подразбира претходен тренинг. За разлика од кучињата, мачките многу потешко се тренираат – за овој процес кај нив треба поголем напор и повеќе време.
Со примена на методот на хабитуација и дисхабитуација било овозможено мерење на природната реакција на мачката во текот на една посета, без некој претходен тренинг. Така, при новото истражување биле спроведени четири различни експерименти. Најнапред, истражувачот или сопственикот на мачката изговарал четири различни збора, по што следело името на животинчето. Препознавањето било дефинирано како реакција од мачката на сопственото име, изразена со мрдање на ушите, главата или опашот, или пак со мјаукање, додека при изговорот на другите зборови овие реакции биле помалку нагласени или отсутни. Мачките успевале да го распознаат сопственото име дури и помеѓу изговорените зборови со иста должина и акцент.
Сега, за што може да ни користи оваа информација?
Како што пишува во научниот труд, ”иако ова разликување (на зборовите) не се стекнува по пат на вистински тренинг, туку произлегува од шемата на секојдневната природна комуникација меѓу луѓето и мачките, оваа способност на мачките можеме да ја искористиме за позитивна промена на нивниот квалитет на животот. Така, на пример, можеби ќе можеме да ги научиме мачките да ги разликуваат опасните објекти и места според нивното конкретно име”.
Значи, запомнете за следниот пат кога ќе комуницирате со вашето “крзнено топче”, мачето добро ве разбира, но не му се нарушува комодитетот за да ви одговори