Пустините на југозападниот дел од САД, се дом на еден ретко виден кунг-фу мајстор – кенгурестиот стаорец. Уште од поодамна се знае дека овој вид глодари (Dipodomys deserti) поседува неверојатни маневарски способности што му помагаат во избегнувањето на неговиот природен непријател број 1 – змијата ѕвечарка (Crotalus cerastes). Со цел одблиску да ги проучат овие симпатични глодари, научниците неодамна ги насочија нивните објективи кон нивиот природнен хабитат, надевајќи се дека ќе ги фатат нивните одбранбени движења во акција.
И, напорот се исплатеше... Истражувањето продуцираше два научни труда објавени во Functional Ecology и Biological Journal of the Linnean Society.
Како што открива еден од авторите, бихејвијоралниот еколог Ралон Кларк од Државниот универзитет во Сан Диего, за избегнување на нападите кенгурестите стаорци развиле исклучително чувствителен слух и специфична техника за одбивање на предаторите со тапкање со нозете по тлото. Но, оваа комбинација не секогаш е успешна.
Кларк и неговите колеги биле сведоци на ситуации во дивината кога стаорците биле начекувани во заседа од змии, а сепак, со неколку скока изведени со молскавична брзина, стаорците успевале да избегаат неповредени. Овие “блиски средби” меѓу рептил и глодар се одвивале толку бргу што истражувачите не биле сигурни на кој начин стаорците успевале да ја избегнат речиси сигурната смрт. За да дознаат повеќе, паднала одлука за снимање на овие “дуели”.
Камерата поставена во длабочините на пустината Сонора во Јума, Аризона, со својот објектив ‘фатила’ 32 блиски средби. Од снимките истражувачите идентификувале неколку одбранбени трикови што кенгурестиот стаорец ги користи во својот репертоар. При нападот на змијата со скок, стаорците успевале во воздух да ги извртат и да ги извиткаат нивните тела, со цел за да ги избегнат долгите заби на змијата. Дури и кога змиите успевале да го каснат пленот, некои од глувците со клоцање успевале да им се измолкнат на своите непријатели, пред тие да бидат во можност да вбризгаат смртоносна доза отров.
По успешното избегнување на забите, глодарите ги употребувале своите опашки како своевиден контратег, со чија помош успевале да се преориентираат во воздух, да се дочекаат на нозе и потоа да избегаат во непознат правец. Целиот овој маневар се одвивал во рок од само 38 милисекунди по првичниот напад на змијата. Според Кларк, ова значи дека овие глодари се некаде во врвот на листата на ‘рбетници со ултрабрзи рефлекси.
Ние имаме да кажеме само едно – Спиеш ли мирно Чак Норисе?