Во трудот објавен неодамна во The Astronomical Journal, истражувачите предводени од Ен Датило, од Тексашкиот универзитет во Остин, јавуваат дека примениле вештачка интелигенција за ‘прочешлување’ на податоците добиени од вселенскиот телескоп Кеплер. Во мноштвото податоци ВИ успешно идентификуваше две нови планети во орбитата на две ѕвезди, откритие што претходно не било забележано од астрономите.
Податоците се добиени за време на мисијата К2 на Кеплер, ознака што се однесува на продолжената активност на телескопот по поправката спроведена во 2013 година, со којашто беше отстранет сериозен дефект. Иако враќањето на леталото во оперативна состојба за инженерите тогаш претставуваше голем триумф, коавторот на трудот Ендру Вандербург вели дека на астрономите овој момент им зададе низа главоболки. Податоците од К2 се потешки за обработка поради постојаното движење на леталото.
Имено, непостојаноста во движењето значи дека собраните податоци изобилуваат со шум, па задачата за идентификација на нови егзопланети е особено тешка. Едно решение на овој проблем, што сега се докажа и во практиката, е воспоставување и примена на алгоритам за “лов” на планети.
Така, со употреба на впишаната програма беа откриени планетите K2-293b, којашто орбитира околу ѕвезда оддалечена од нас 1300 светлосни години, и K2-294b, во орбитата на ѕвезда оддалечна од нас 1230 светлосни години. Обете планети се сместени во соѕвездието Водолија.
Како што укажува Датило, се работи за мошне жешки планети кои се во релативно блиска орбита околу нивните матични ѕвезди, што е типично за егзопланетите откриени во К2.
Истражувачите сега го проширија опсегот на пребарувања што треба да ги спроведе вештачката интелигенција и се во очекување на нови откритија на егзопланети кои алгоритамот ќе ги препознае во шумата од податоци.