Со употреба на биоинженеринг, научниците успеаја да создадат крвни садови што многу брзо по нивното вметнување се колонизирани од клетките на пациентот и на овој начин стануваат самоодржливи.
Тимот предводен од Роберт Кирктон, од американската технолошка компанија за регенеративна медицинска Humacyte Inc, создаде биоразградливи мрежи во вид на крвни садови, коишто ги посеа со човечки васкуларни клетки и потоа ги инкубираше во биореактор осум недели. По инкубацијата, Кирктон и неговите колеги го отстраниле целиот клеточен материјал, којшто зад себе оставил нешто што истражувачите го нарекуваат човечки бесклеточни садови (ЧБС).
Во четиригодишно клиничко испитување од фаза II, ЧБС биле имплантирани во 60 пациенти со краен стадиум на бубрежна инсуфициенција. Притоа, ЧБС служеле како влезни порти за третманите со хемодијализа, процедура при чиешто спроведување се потребни здрави крвни садови.
Во трудот објавен во списанието Science Translational Medicine, истражувачите известуваат дека ЧБС покажале силен механички и структурен интегритет. По само неколку недели од имплантацијата, имплантите ги населиле клетки од самите пациенти и од микроваскулатурата.
Како што пишуваат истражувачите, бесклеточните садови се трансформирале во "функционални повеќеслојни живи ткива што го одржуваат транспортот на крв и покажуваат знаци на самозаздравување при повреди на каналите, ефикасно обновувајќи ги овие садови исто како да се сопствени крвни садови на пациентот".
Во тек се нови клинички испитувања и, доколку и овие покажат позитивни резултати, ЧБС техниката развиена од страна на Кирктон и колегите наскоро би можела да ја замени употребата на крвните садови донирани од луѓе или животни, со што ќе се надмине и проблемот на отфрлање на донираните органи.