Истражувањето спроведено од научници при Институтот Каролинска во Шведска открива дека лековите за долгорочни здравствени исходи непотребно им се препишуваат на пациенти со напреднат рак на кои им преостанува помалку од една година живот.
Во трудот објавен во списанието Cancer, напишан од Лукас Морин и неговите колеги, се анализираат рецептите издадени во Шведска во периодот од 2007 до 2013 година, наменети за 151 201 постари пациенти кои подоцна, во рок од 12 месеци, починале од рак.
Веќе подолго време за постарите лица, особено за оние со сериозна болест, стандардно се препишуваат повеќе видови лекови. Практиката претставува своевиден компромис, каде се балансира помеѓу справувањето со симптомите и зголемениот ризик од несакани ефекти.
Истражувачите откриле дека кај пациентите со рак просечниот број на препишани лекови се зголемил од 6,9 на 10,1 во последната година од животот. Во текот на истата фаза од животот пораснал и процентот на пациенти кои користеле 10 или повеќе лекови, од 26% на 52%.
Како што откриваат Морин и неговите колеги, значителен дел од издадените лекарства, независно дали биле препишани како дел од континуиран или нов режим, по природа биле превентивни, наменети за намалување на крвниот притисок и на холестеролот, или пак, за подобрување на здравјето на коските.
Истражувачите велат дека ваквите лекарства, општо земено, не носат некоја особена корист за пациентите со поодминат стадиум на рак. Ова е особено точно за новоиздадените рецепти, бидејќи за овој тип на лекарства да почне да делува потребно е тие да се земаат повеќе месеци во континуитет, а преостанатиот животен век кај споменатите пациенти веројатно ќе биде прекраток за тие да искусат каква и да е корист од нив.
Како што пишуваат истражувачите, употребата на лекови чијашто здравствена корист е видлива само на долги патеки, кај терминалните пациенти нема никаква вредност. Истовремено, нивното препишување ги зголемува трошоците на лекарскиот третман и го зголемува ризикот од опасни интеракции меѓу лековите.
"Иако превентивните лекови за коишто станува збор во нашиот труд најчесто се фармаколошки и клинички соодветни за општата популација, потребно е критички да се испита нивната употреба во контекст на ограничениот животен век и палијативните цели на нега", вели Морин.