Кинеските научници создадоа ракетно гориво од целулоза. Ако истражувањата и тестовите покажат поволни резултати, веќе следната генерација вселенски летала можеби ќе биде погонувана од биогориво.
Истражувањата беа презентирани минатата недела со труд во научното списание од областа на енергетиката Joule. Во него тимот предводен од Јантинг Лиу од Кинеската академија на науките во Далиан го опишува процесот на добивање на ракетно гориво од целулоза.
Да потсетиме, целулозата е основниот градежен елемент во клеточните ѕидови и е, веројатно, една од најраспространетите супстанции на Земјата. Таа го чини најголемиот дел од отпадната растителна биомаса. Како што веројатно знаете, целулозата веќе има низа примени во производството на текстил, хартија и на производи од дрво, но претворањето на целулозата во високоефективно ракетно гориво може да има дополнителни погодности. Вака барем тврдат Лиу и неговите колеги.
Во презентираниот процес целулозата најнапред се претвора во отровниот метаболит 2,5 хексанедион, што потоа се процесира за на крај да се добие мешавина од јаглеродни молекули познати како полициклоалкани, коишто се наоѓаат во напредните авионски горива и чинат најголем дел од нивниот состав.
Процесот на претворање, според истражувачите, се одвива во “умерени услови”, што значи дека за него не се употребуваат екстремно високи температури и притисоци. Како што забележуваат кинеските научници, мала измена на условите може да ја подобри конверзијата, за добивање на метил циклопентан, којшто се употебува како адитив кај високооктанските бензини.