Магнетното поле на Земјата е релативно слабо. А сепак, постојат сигурни докази дека безброј суштества, почнувајќи од пчелите и птиците, па сè до раковите и бактериите, можат да ја детектираат оваа слаба електромагнетска сила. Резултатите од едно истражување објавени во онлајн изданието на еНеуро презентираат убедливи докази дека и луѓето, како единки, ја имаат оваа способност.
Способноста за магнеторецепција е обвиткана со многу мистерии. Кај миграторните птици, што прелетуваат цели континенти и мориња, постоењето на еден внатрешен компас е, да кажеме, сосема логична работа. Но, чудната навика на кравите во полето да ги поставуваат нивните тела во склад со насоката на магнетните силови линии, или пак, вродениот инстинкт на кучињата да се постават во правец север или југ при вршењето нужда, барем навидум, нема никаква логика.
Првите наговестувања за можноста и луѓето да поседуваат “вграден” внатрешен компас пристигнуваат од Робин Бејкер од Универзитетот во Манчестер во Обединетото Кралство. Во 1980 година тој го објавува неговото истражување во коешто забележал дека неговите студенти, користени на доброволна база како заморчиња во експериментите, успевале отприлика да го покажат правецот од којшто тргнале, иако имале превез преку очите за време на нивниот пат од градот во околината. Студентите ја губеле оваа способност ако при изминувањето на истиот пат на ист начин за главата им било прицврстено парче магнет. Но, обидите за повторување на резултатите од овој експеримент во последователните истражувања завршиле неуспешно.
Меѓу овие неуспешни обиди се и оние од биофизичарот Џо Киршвинк од Универзитетот Принстон. Триесет години подоцна, Киршвинк, сега вработен во Технолошкиот институт на Калифорнија, заедно со неговите колеги, пронаоѓаат нов начин за да проверат дали луѓето имаат внатрешен компас. Овојпат, наместо да бара свесен одговор на промените во магнетното поле, којшто би бил условен од однесувањето на единките, тој одговорот го “исчепкал” директно од нивниот мозок.
За оваа потреба тимот конструирал технички софистицирана метална комора. Темната комора била прекриена со тенки алуминиумски плочи за да го заштити лицето што седи во неа од надворешните електромагнетни сигнали. Низа од електрични калеми поставени од внатрешната страна, вдолж и попреку на сите ѕидови на комората, го изложуваат лицето на повеќе генерирани магнетни полиња (со различни јачини и правци). За време на експериментот лицето во комората на својата глава има капа со опремена со 64 електроди поврзани со електроенцефалограм (ЕЕГ) којшто ги регистрира мозочните бранови. На овој начин истражувачкиот тим можел да регистрира дали при промени на магнетните полиња мозокот покажува знаци за "обработка на нови податоци”.
При нормални околности, без надворешни стимуланси, детектираната функција мозокот се вклопува во моделот на синхрона активност познат како алфа бранови.
При надворешна стимулација, мозокот излегува од оваа природна состојба на “зачмаеност” и веднаш реагира, обидувајќи се да го протолкува значењето на новиот надворешен сигнал. Оваа неочекувана активност се рефлектира како скок/пад во графичкиот приказ на мозочната активност.
При изложување на вртливо магнетно поле кај луѓето во комората била забележана слична промена во нивните алфа бранови. Ова било знак дека невроните тргнале да го обработуваат новиот податок за промена во магнетното поле. Интересно е тоа што ефектот на ротација се јавувал само кога вертикалното магнено поле, со помош на коешто ја детектираме нашата поставеност во однос на магнетниот север, било насочено надолу, како што е случај на северната хемисфера. Мозочната реакција за другата промена во магнетното поле отсуствувала ако вертикалното поле било поставено да ги имитира условите на јужната хемисфера. Како што укажува Киршвиннк, сите 34 учесници во истражувањето израснале на северната земјина полутопка. Според него, ако мозокот ја препознава магнетната околина, тогаш тој ја игнорира останата промена како небитна.
Екпериментите откриваат и како нашето тело ги “чувствува” магнетните полиња. Една хипотеза предлага дека магнетните полиња предизвикуваат хемиска реакција на квантно ниво во критохромите, протеини што се наоѓаат во состав на очната ретина. Друга хипотеза, пак, чиј приврзаник е и самиот Киршвинк, предлага дека самите рецепторски клетки во себе содржат мали молекуларни магнети, најверојатно сочинети од магнетит. Служејќи се со нив рецепторските клетки ја детектираат нашата поставеност во однос на некое магнетно поле и за тоа испраќаат информации до мозочните клетки. Но, самата локација на овие магнетитни рецептори, ако тие навистина постојат, претставува мистерија. Киршвинк смета дека рецепторите веројатно се наоѓаат сместени некаде во трегеминалниот нерв којшто ја опкружува главата, но за потврдување на оваа теза потребни се нови истражувања. Освен ова во тимот се љубопитни да дознаат и како во сличен експеримент би реагирале мозоците на луѓе пораснати на јужната хемисфера или пак во екваторијалните региони.
Дополнителните истражувања ќе откријат дали сите сме инстинктивно способни да го чувствуваме правецот на магнетното поле на нашата планета, како и дали некој е способен на свесно ниво да го ја чувстува насоката на магнетното поле.