Електричните потенцијали што се трупаат во олујните облаци понекогаш можат да надминат и 1,3 милијарди волти, што е околу 10 пати повеќе од претходно измерените вредности, пишува Science News.
Покрај тоа што електричните потенцијали се движечка сила на процесите што резултираат со молњи, тие во олујните облаци имаат и тенденција да ги успорат негативно наелектризираните субатомски честички – муони. Муоните, паѓаат кон тлото на Земјата некаде од горните атмосферски слоеви, каде што се создаваат кога космичките зраци се судираат со молекулите од гасовите од атмосферата.
Во експериментот ГРАПЕС-3 спроведен во Оти, Индија, индиските научници го проучувале однесувањето на муоните. Вообичаено нивните инструменти забележуваат околу 2,5 милиони муони во секоја минута. За време на бурите проследени со обемна појава на грмотевици, оваа стапка се намалува. Ова се должи на тоа што муоните, коишто поседуваат електричен полнеж, имаат тенденција да бидат успорени од електричните полиња на молњите. Ова значи дека помал број од честичките доаѓаат до детекторите од инструментите.
Користејќи компјутерски симулации на бури со интензивни грмотевици, истражувачите го утврдиле потребниот електричен потенцијал којшто би го објаснил падот на регистрирани муони забележан за време на бурата во 2014 година. Тимот ја проценил електричната моќност на бурата. Електричната енергија генерирана во оваа бура количински одговарала на производството на голем нуклеарен реактор, со моќност од околу 2 милијарди вати.
Резултатот, ако се потврди, може да биде од голема важност. Но, како што укажуваат некои научници, компјутерската симулација има неколку недостатоци. Имено, симулираната бура била мошне поедноставена, се состоела од еден регион со позитивен полнеж и друг со негативен, додека вистинските бури проследени со грмотевици претставуваат далеку посложени системи. Како што вели еден од научниците ”со сè што е ново, мора да почекате и да видите што ќе се случи со дополнителните мерења".
Ако наодите од ова истражување се потврдат, ваквите високи напони кај масивните бури проследени со грмотевици би можеле да дадат објаснување за некои збунувачки набљудувања. Имено, некои бури создаваат изблици од гама-зраци, насочени кон горните слоеви од атмосферата и космосот. Научниците сè уште во целост не ги разбираат процесите при коишто се создава оваа енергетска светлина. Ако интензивните невремиња со грмотевици навистина поседуваат енергетски потенцијал од милијарди волти, тоа би можело да биде причина за мистериозната светлина.
Наодот се темели врз анализите на една моќна бура којашто ја зафати јужна Индија во декември 2014 година и е објавен во Physical Review Letters.