Mатичните клетки од глушец, коишто се наоѓале во беспилотното кинеско вселенско летало Тјанжу-1, се делеле и се репродуцирале значително побрзо од оние што биле одгледувани на Земјата, откриваат научниците.
Во трудот објавен во списанието Stem Cells and Development, тимот предводен од Хонг Ли од Воената академија за медицински науки во Пекинг, Кина, детално го опишува развојот на индуцирани плурипотентни матични клетки (iPSCs) од глувци, израснати во специјално направен биореактор којшто се наоѓал на Тјанжу-1.
Леталото беше лансирано во април 2017 година. Веќе два дена по лансирањето тоа успешно се спои со кинеската вселенска лабораторија Тјангонг-2, којашто се наоѓа во орбитата на Земјата. Во септември, леталото беше отфрлено, по што при контролиран пад, за време на кој беа спроведени повеќе серии од навигациски маневри, тоа безбедно изгоре во атмосферата на Земјата.
Но, пред ова да се случи, Ли и неговите колеги преку камера, во живо го следеа развојот на матичните клетки од глушец.
Пред да да бидат сместени во утробата на вселенското летало, матичните клетки биле кодирани за да се развијат во кардиомиоцити, клетки од коишто се состојат срцевите мускули. Научниците велат дека матичните клетки успешно се диференцирале и се развиле "значително побрзо во вселената" , во споредба со контролните клетки на Земјата.
Разликата во развојот, според истражувачите, се должи на тоа што клетките во вселенското летало Тјанжу-1 растеле во услови на микрогравитација, но сè уште не е познато зошто овие услови имале клучна улога во брзината на развојот. На ова прашање ќе треба што поскоро да се најде одговор, како од практични причини така и поради потенцијален профит.
"Разбирањето на тоа како вистинската [микрогравитација] во вселената влијае врз функцијата на матичните клетки кај цицачите, ќе го олесни идното вселенско патување со човечки екипаж", пишуваат Ли и неговите колеги.
Но, постојат мноштво други непосредни потенцијални придобивки од повторувањето и подобрувањето на овие експерименти при следните мисии.
"Во иднина, слични автоматски експерименти со матични клетки би можеле да помогнат во реализацијата на потфатот за биопроизводство на персонализирани ткива и тестирање на лекови при вселенските патувања", истакнуваат истражувачите.