Научниците можеби конечно открија зошто некои санти мраз се зелени. Се чини дека смарагдната боја на овие санти мраз потекнува од оксиди на железото.
Сантите мраз најчесто доаѓаат во бела боја. А бели се поради тоа што светлината се одбива од воздушните меури коишто се заробени во внатрешноста на мразот. Но, чистиот мраз, без заробен воздух, којшто се формира на долниот дел од сантата, изгледа син. Ова се должи на тоа што овој чист мраз го апсорбира делот од светлосниот спектар со поголема бранова должина, каде припаѓаат потоплите бои како, на пример, црвената и портокаловата. Мразот, пак, ги рефлектира пократките бранови должини коишто припаѓаат во постудениот спектар на бои.
Но, во 30-тите години на минатиот век, во околината на Антарктикот биле забележани мистериозни превртени ледени плочи со зелена боја, поради што им бол наденат прекарот "санти од жад".
Во раните 90-ти години од минатиот век, глациологот Стивен Ворен, заедно со неговите колеги од Универзитетот на Вашингтон во Сиетл, предложи дека зелената боја можеби потекнува од микроскопските јаглеродни честички на мртви организми. По нивното интегрирање во мразот, овие жолти јаглеродни честички би ја апсорбирале сината светлина, додека би се рефлектирала зелената. Но, подоцнежните екперименти открија дека количината на заробен јаглерод во зелените ледени санти е премногу ниска за да ја креира карактеристичната смарагдна боја.
Но, во 2016 година, во неколку децении стариот примерок од зелен мраз земен од ледената плоча Ејмери (Amery) на Антарктикот, истражувачите открија оксиди на железо. Железните оксиди, каква што е, на пример 'рѓата, ја рефлектираат црвената и портокаловата светлина, но ја апсорбираат сината. Овие честички веројатно потекнуваат од карпите под мразот коишто биле здробени и иситнети под неговата тежина и при процесот на триење. Во моментот кога тие ќе се “вградат” во мразот при неговото формирање под површината на водата, ледената санта ја добива зелената боја. Вака барем пишуваат, Ворен и неговите колеги во нивниот труд објавен на 4 март во списанието Journal of Geophysical Research: Oceans.
Ворен се надева дека наскоро ќе биде во можност да се врати на Антарктикот за да собере примероци од зелен мраз коишто потоа би ги тестирал за железо во нив. Ако неговата претпоставка се покаже точна, тоа би значело дека мистеријата на зелениот мраз е решена. Истовремено ова би значело и откривање на досега непознатата улога на овој необичен мраз – достава на ретки, но животно неопходни хранливи материи за микроскопскиот планктон, на чиј грб се лежи целиот синџир на исхрана во океаните.