Викендов, повеќето од вас веројатно претпочитавте доброто време да го искористите релаксирајќи се на отворено, во природа. Така, на пример, саботата беше погодна да се посети аеродромот Стенковец, каде што АК Скопје имаше отворен ден. Но, за оние кои решија да останат во градот, интересни збиднувања имаше на секој чекор.
Како што веќе известивме (види тука и тука), изминатиов викенд во просториите на Домот на АРМ се одржа Шестата годишна изложба на макети и диорами, додека неделата остана резервирана за третиот по ред Скопје Куп.
Оваа година конкуренцијата на макетари учесници беше навистина голема – учество земаа повеќе клубови, но и поединци од регионот и пошироко – “Eastmodels.sk” од Словачка; “Свет в мален” од Словенија; MK “Чачак”, МК “Олуј” Белград, МК “Спинер” од Краљево, МК “Наредник Михајло Петровиќ” од Ниш и МК “ИПМС” од Нови Сад – сите пет од Србија, МК “Scale Models” од Софија, Бугарија; МК “Tapir Models” и МК “AMA” од Романија; МК “Кастел” од Бања Лука, БиХ, како и неколку екипи без клубови од Белград и Лесковац (Србија), еден макетар од Зеница (БиХ) и повеќе макетари од Волос и Лариса од Грција.
А сите имаа и со што да се пофалат – диорами од коишто застануваше здивот, макети од автомобили, авиони, вселенски летала и што ли уште не, изработени живописно и со внимание до поледниот детаљ. За да дознаете што сè изработиле вештите раце на макетарите може да погледнете во албумот на нашата фејсбук-страница, како и на фејсбук-страницата на организаторот “Мајор Михајло Ивановски – Микс” од Скопје.
Задоволувајќи ги строгите правила на селекцијата, макетарите имаа можност да се натпреваруваат во повеќе категории: J-01 јуниори до 14 години – сите размери и сите типови на макети; К-01 кадети – 14-18 години – сите размери и сите типови на макети; С-01 сениори авијација млазни/пропелери помали од 1:72; С-02 сениори млазна авијација 1:72; С-03 сениори пропелери 1:72; С-04 сениори млазна авијација 1:48; С-05 сениори пропелери 1:48; С-06 сениори млазна/проп авијација поголема од 1:48; С-07 сениори хеликоптери, сите размери; С-08 сениори воени возила на тркала 1:72; С-09 сениори воени возила со гасеници 1:72; С-10 сениори воени возила на тркала поголеми од 1:48; С-11 сениори воени возила со гасеници поголеми од 1:48; С-12 сениори самоизградба, сите размери; С-13 сениори диорами, сите размери; С-14 сениори фигури, сите размери; С-15 сениори бродови, сите размери; С-16 сениори научна фантастика сите размери; С-17 сениори сè останато, сите размери; С-19 сениори цивилна авијација сите размери; С-30 сениори варшавски пакт vs НАТО воздухопловства, сите размери.
Резултатите од натпреварот може да ги видите подолу.
Им честитаме на сите победници, како и на макетарскиот клуб “Мајор Михајло Ивановски – Микс” за одлично организираниот настан. Со нетрпение ќе ги очекуваме и следните случувања во нивна организација.