До неодамна пластичното макетарство беше хоби со коешто малкумина се занимаваа, барем во нашата Македонија. Во насока на популаризација на макетарството, ЕМИТЕР има објавено мноштво статии коишто ја промовираат оваа вештина, со упатства, совети и новини, наменети за оние што се почетници или што сакаат да навлезат во ова хоби. А пред точно шест години, една група ентузијасти макетари, се одлучи да изложи дел од своите дела, со цел пошироката јавност и непосредно да се запознае со ова хоби.
Оваа прва изложба, одржана во Домот на АРМ, беше доста посетена, а се чини дека овој непосреден пристап поттикна поголем број млади да се посветат на макетарството како хоби. Па така, оваа изложба прерасна во годишен настан од оваа област.
Оваа година клубот “Мајор Михајло Ивановски - Микс” ја организира веќе Шестата изложба на макети и диорами, а заедно со неа се одржува и 3. Куп Скопје.
Настанот е закажан за првиот викенд следниот месец, од 1. до 3. март, а ќе се одржи, веќе слободно може да кажеме традиционално, во Домот на АРМ. Свеченото отворање е закажано за 20 часот во петок (1.3.2019 г.), а затворањето на изложбата е во недела во 16 часот. Во недела е закажано и одржувањето на Скопје Куп 2019.
Како и секоја година, клубот очекува поддршка од макетарите од регионот. Макетарите кои се заинтересирани да земат учество, ги повикуваме да го контактираат клубот “Мајор Михајло Ивановски - Микс”, а за сите детали околу изложбата, како правилата на учество и излагање, категориите за натпревар и слично, погледнете ја и следете ја фејбук објавата од настанот тука.