Исхраната на кучињата со сурово месо во последниве години станува тренд на Запад, веројатно поттикната од сличниот тренд врзан со исхраната на човекот. Но, ако консумирањето непреработена храна воопшто има некаква корист за човекот, голем број ветеринари и микробиолози не гледаат некое фајде од ваквата исхрана на кучињата. Напротив, неколку истражувања укажуваат дека при исхраната со сурово месо постои реална опасност од пренос на бактериски и паразитски патогени не само на кучињата, туку и на нивните сопственици.
Во истражувањето спроведено во Холандија минатата година, биле анализирани 35 комерцијални пакувања со сурова кучешка храна од 8 големи производители. При истражувањата, во 80% од пакувањата била пронајдена еscherichia coli, кај 43% било потврдено присуство на listeria, а во 20% имало salmonella.
Истражувачите заклучиле дека суровата храна за миленичиња “може да биде потенцијален извор на бактериски инфекции кај домашните миленичиња и, доколку се пренесе понатаму, може да претставува и сериозен ризик за луѓето”.
Во 2019, американската Агенција за храна и лекови истражуваше три случаи на заболени миленичиња, при што преку секвенционирање на геномот на бактеријата изолирана од заболените животинки, како нејзин извор биле посочени производите со сурово месо.
Во рамките на најновото истражување, пак, објавено во журналот VetRecord, научниците од Шведскиот универзитет за земјоделски науки во Упсала анализирале 60 замрзнати пакувања со сурова храна од 10 различни производители. Резултатите покажале дека присуството на бактерии од семејството Enterobacteriaceae, каде што припаѓа и бактеријата e.coli, во 31 од примероците било над дозволеното ниво пропишано од безбедносните стандарди на ЕУ. Кај 7% од примероците била пронајдена и salmonella, додека 5% изобилувале со campylobacter. Научниците во својот труд предупредуваат за “потенцијалните здравствени ризици за животните и за луѓето, особено за најмладите и за оние со нарушен имунитет”.
Истражувачите им даваат повеќе препораки на сопствениците на миленичиња за тоа како да ја чуваат суровата храна за да се намалат можностите од развој на патогени во неа. Препораките се храната да се чува замрзната сè до нејзината употреба, кога треба да се одмрзне на температура помала од 10ºC. Храната за луѓе и кучиња треба секогаш да се чува одделно, а за секоја од нив да се има и различен прибор.
Живата храна не треба да се дава на кучиња коишто примаат антимикробни лекови. И како последен совет, не допирајте го со усни муцето на вашиот миленик, бидејќи како што велат ветеринарите, “бацката” што вашето куче ќе ви ја даде веднаш по јадењето претставува одлична можност за пренос на потенцијалните патогени и антимикробски резистентни бактерии на вас.