Група научници, предводени од Џеј Кислинг од Универзитетот Беркли во Калифорнија, САД, модифицираше еден вид квасец (saccharomyces cerevisiae) за да го произведе клучното соединение ТХК што по природен пат се синтетизира во растението cannabis sativa, познато и како марихуана.
Во нивниот труд, презентиран во списанието Nature, Кислинг и неговите колеги тврдат дека откритието може да придонесе за пронаоѓање нови начини за производство на природните и на синтетичките канабиноиди, во големи количини.
Истражувачите истакнуваат дека во неколку земји (а ние тука би додале и во Македонија), канабиноидите веќе се одобрени за употреба во производите од фармацевтската индустрија. Но, достапноста на активните состојки за потребите на фармацевтската индустрија е оскудна, дури и во самото растение канабис сатива. Со ова се ограничува производството на медикаменти од овој тип. Како втора пречка на масовното производство е фактот што сè до неодамна, марихуаната во повеќето земји се наоѓаше на црната листа на забранети супстанции, со што се оневозможуваа истражувањата врзани со неа.
Како што велат авторите на истражувањето за нивната работа "Овој труд ги поставува темелите за ферментацијата на канабиноидите во големи количини, независно од одгледувањето канабис, што ќе овозможи фармаколошки истражувања на овие соединенија што ветуваат многу за медицината, и на крајот, ќе придонесе кон добивањето на нови и подобри лекови."
За да ја направат модификацијата, Кислинг и неговите колеги ги вметнале гените на канабисот во метаболитичките процеси на квасецот. Овие промени овозможиле квасецот да го процесира шеќерот (во нивниот случај, галактозата) во оливетолна киселина. Квасецот потоа ја преработил и оливетолната киселина во канибагериколна киселина, од којашто се добиваат C49-тетрахидроканабинолната киселина (ЦТХК) и на канабидиолината киселина (КБДК). Состојката ЦТХК во марихуаната настанува по природен пат. За состојката да се претвори во активното соединение ТХК, потребно е таа да се декарбоксилира, процес којшто се поттикнува со нејзино загревање.