Благодарение на новите податоци добиени од мисијата на НАСА за проучување на забрзувањето, реконекцијата, турбуленцијата и електродинамиката на интеракцијата на Месечината со Сонцето, позната под нејзиниот акроним АРТЕМИС (Acceleration, Reconnection, Turbulence and Electrodynamics of the Moon’s Interaction with the Sun), научниците се надеваат дека наскоро ќе ја разрешат мистеријата на површинските темни и светли дамки на Месечината.
Сè се сведува на ефектите од сончевиот ветер, оној континуиран проток од честички и радијација емитувани од Сонцето, на коишто е изложено секое тело во Сончевиот систем. Самиот сончев ветер е магнетизиран. Токму поради ова, магнетното поле на Земјата во најголем дел го рефлектира назад во вселената, при што во атмосферата на нашата планета се случува една од највпечатливите нуспојави на процесот – појавата на поларната светлина.
Но, за жал, Месечината нема таква заштита. Сепак, одредени карпи, расфрлани наоколу по нејзината површина, поседуваат одредени магнетни својства коишто се манифестираат во вид на минијатурни магнетни полиња, или поточно магнетни “ѕвона”, коишто ја заштитуваат непосредната околина, околу нив, од најсилните дејства на сончевиот ветер.
"Магнетните полиња во некои региони дејствуваат како своевидна локална магнетна заштита од Сонцето", вели Ендру Попи, научник од Универзитетот Беркли во Калифорнија, кој ги истражува површинските магнетни полиња на Месечината, користејќи ги податоците од АРТЕМИС.