Денес, во Кристалната сала во хотел Континентал, во 12 часот, беше претставена новата книга Композитни Системи за Надворешна Топлинска Изолација (КСиНТИ) External Thermal Insulation Composite Systems (ETICS), на нашиот соработник д-р Петар Николовски, дипл. инж. арх..
Оваа негова десетта по ред книга е наменета за сите сегашни и идни градежни инженери и архитекти, но и за оние коишто сакаат поблиску да се запознаат со начините за подигање на енергетската ефикасност на нивниот објект преку употреба на композитните системи за надворешна топлинска изолација.
Пред полната сала книгата ја промовираа проф. д-р инж. Димитар Назарски и проф. д-р инж. Пламен Чобанов, обајцата од Универзитетот по архитектура, градежништво и геодезија во Софија, а модератор на дискусијата беше Нина Стрезовска дипл. инж. арх..
Како што вели и рецензентот на книгата, проф. др. Роман Кунич од Љубљанскиот Универзитет, се работи за одлична професионална книга што претставува основа за квалитетна изведба на фасадите, како во областа на проектирање, така и во поглед на изведбата. Од толкувањето на основните концепти, примери од градежна физика, преглед на домашното и европското законодавство, преку третман на фасади со стиропор, минерална волна, како и со нови иновативни изолациски материјали, до детално опишани постапки за изведба, отпорноста и влијанието на оган, изведба на деталите и грижливо собран материјал за грешки при изведба, поткрепен со фотографии, книгата претставува лесно и разбирливо четиво наменето не само на стручните лица туку и на лаици.
Во книгата е преточено огромното четиридецениското теоретско и практично искуство на авторот со контактните надворешни фасадни изолации на зградите. Како што рековме д-р Петар Николовски, дипл. инж. арх. е автор на повеќе книги од областа на енергетската ефикасност, а докторската дисертација на тема “Линеарни топлински мостови во згради во сеизмички региони“ ја има одбрането во Софија, пред Специјализиран научен совет на Вишата атестациона комисија при бугарската Академија на науки.
Тој е еден од тројцата автори на македонскиот Правилник за енергетски карактеристики на згради и овластен обучувач на курсеви за енергетски контролори. Повеќе од 15 години го води Техничкиот комитет ИСРМ ТК8 за стандарди од областа топлински карактеристики на згради, во рамките на Институтот за стандардизација на Република Македонија. Активно соработува со соодветните комитети во CEN (Европски комитет за стандардизација) и во ISO (Меѓународен комитет за стандардизација). Како вонреден професор предавал градежна физика, обновливи извори на енергија и одржлива архитектура на додипломски и постдипломски студии. Со свои стручни трудови учествувал на повеќе меѓународни конференции на горната тема. Учесник е во повеќе меѓународни проекти за енергетска ефикасност и енергетска рехабилитација на згради (GTZ, KWI, SMAQVa, CARDS 2002, AEA, UNDP, GIZ).
Во Агенцијата за енергетика на Република Македонија е надворешен експерт.
Книгата "Композитни Системи за Надворешна Топлинска Изолација (КСиНТИ)" можете да ја набавите од е-продавницата на ЕМИТЕР тука