Минатата недела, списанието National Geographic објави дека во фосилизираните остатоци од желка, стари 240 милиони години, биле пронајдени докази дека желката починала од еден редок вид коскен рак што сè уште, и денес е присутен кај луѓето. Како што пишуваат во текстот, на фосилизирана задна нога од желката бил забележан малигнитет што истражувачите го идентификувале како вид на коскен рак, заболување од коешто во САД секоја година се регистрираат околу 800 нови случаи.
Наоѓањето докази дека некое животно боледувало од кој и да е вид рак во неговите фосилни остатоци претставува голема реткост. Ова се должи на тоа што ова малигно заболување вообичаено ги напаѓа меките ткива во организмот, коишто не се зачувуваат во фосилизирана форма. Инаку, гореспоменатите фосилизирани остатоци се пронајдени во 2008 година, во близина на Штутгарт, Германија. За некогашната желка на којашто и припаѓаат овие фосилни остатоци е утврдено дека била припадник на видот Pappochelys rosinae, за којшто пак е утврдено дека е во блиска роднинска врска со денешните желки.
Како што истражувачите пишуваат и во својот труд, објавен на почетокот од овој месец, во научното списание JAMA Oncology, тие го идентификувале фосилизираниот рак како перистелен остеосарком, истакнувајќи дека е речиси идентичен со остеосаркомите коишто се среќаваат кај современиот човек.
Идентификуваниот вид на коскен рак во остатоците стари 240 милиони години претставува најран случај од ова заболување што некогаш бил забележан кај амниотите – групата животни каде што припаѓаат влечугите, птиците и цицачите. Откритието укажува дека генетските корени на денешните видови рак се наоѓаат закопани мошне длабоко во еволутивното време.