Ова видео го покажува ефектот од еден малку познат физички феномен – законот за запазување на агловиот момент помеѓу две истовремени ротации на едно тело.
На едниот крај на една долга метална осовина монтиран е метален диск-замаец на лагерско лежиште, на кое тој може да ротира околу себе. Кога замаецот мирува, а ние осовината ја држиме на нејзината средина симулирајќи лост, кон земјата како потешка ќе натежне страната со замаецот. Но, кога замаецот ќе го заротираме со голем број вртежи во секунда, “лостот” ќе заземе хоризонтална рамнотежна положба, истовремено вртејќи се и околу држачот на “лостот”, без притоа да натежне страната со дискот, небаре таа се спротивставува на гравитацијата!
Аналоген е и случајот со велосипедско тркало обесено само на едниот крај на неговата осовина. Кога тоа мирува, не може да остане во вертикалната рамнина, туку гравитацијата го превртува поставувајќи го хоризонтално. Но, ако тркалото го заротираме околу неговата осовина, тоа останува вертикално обесено истовремено ротирајќи и околу врвката на којашто е обесено, без да се преврти во хоризонтала.
Овие два експеримента објаснуваат зошто велосипедистите можат да балансираат во рамнотежна положба на нивните велосипеди само кога го возат велосипедот, но не и кога со него стојат во место.
На почетокот веќе кажавме врз кој физички закон базира овој феномен, но овде сега не можеме да навлегуваме во детали, па само ќе додадеме уште дека овој закон нашол примена кај жироскопите. Тоа се инструменти за навигација, инсталирани во секој авион за да го покажуваат отстапувањето од хоризонтална положба на леталата, кога тие се накривуваат кон лево или кон десно.