Рубрика: Астрономија и астронаутика
Најава за нова мисија за истражување на еволуцијата на универзумот
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 15.02.2019 - 12:30

НАСА најави нова мисија насочена кон истражување на еволуцијата на универзумот и потрага по присуство на вода и органски молекули во Млечниот Пат.

Новата сонда, чијашто конструкција беше официјално најавена да започне наскоро, е именувана со сложеното име Спектрофотометар за историјата на универзумот, епохата на рејонизација и истражувач за лед (на анг. Spectro-Photometer for the History of the Universe, Epoch of Reionization and Ices Explorer), односно SPHEREx.

Лансирањето на сондата е закажано за некаде во 2023 година, а првите планови се мисијата да трае две години. Трошоците за изградба на сондата, без лансирањето, се проценети на 242 милиони долари.

По лансирањето и воспоставувањето на стабилна орбита, планирано е SPHEREx да испита околу 300 милиони галаксии, во подрачјето на видливата и блиската инфрацрвена светлина. Како цел на истражувањата ќе се најдат и галаксии коишто се наоѓаат толку далеку што на светлината емитувана од нив и се потребни околу 10 милијарди години за да стаса до Земјата.

Фокусирањето на екстремно далечните ѕвездени групи ја одразува и клучната цел на оваа мисија – “да испорача огромна галактичка мапа којашто ќе ги содржи отпечатоците од првите моменти на историјата на универзумот. На овој начин ќе се откријат нови моменти за една од најголемите мистерии во науката: Зошто универзумот се проширил толку брзо за помалку од една наносекунда по Големата експлозија?” – укажа Томас Цурбухен (Thomas Zurbuchen) од НАСА.

Во планираните две години работа, сондата треба да изврши четири набљудувања на целото небо и да испорача мапи во 96 различни светлински опсези.

Собраните информации ќе им помогнат на астрономите да ги одредат целите за набљудување за следните две мисии што ќе бидат лансирани наскоро, вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST) и телескопот за Телескопот за широкоаголни набљудувања (WFIRST).

Иако во најголем дел мисијата SPHEREx претставува американски проект, планирано е во неа да бидат вклучени и научници и опрема обезбедена од Корејскиот институт за астрономија и вселенска наука во Даежон, Јужна Кореја.

Клучни зборови: