Кон средината на 2017 година, во списанието Nature, една група палеонтолози објавија дека го откриле најстариот фосилен остаток од човековиот род Homo sapiens. Наодот, стар околу 300 илјади години, е постар за цели 100 илјади години од најстариот познат фосилен остаток од наведениот род. Наодот бил пронајден во палеонтолошкото наоѓалиште во местото Џебел Иркут, Мароко, познато уште од шеесеттите години од минатиот век, и е прво вакво откритие во северниот дел на Африка.
Водечкиот автор на трудот, каде што се дадени деталите за ова откритие, Жан-Жак Иблен (Jean-Jacques Hublin), палеонтолог и професор на Институтот Макс Планк во Дизелдорф, Германија, смета дека се работи за откритие на самиот “корен” на човековиот вид.
“Но, не тврдам дека Мароко е 'колевката' на човештвото, попрво би рекол дека хомо сапиенсот живеел на целиот африкански континент”, додава тој. Наодот директно се спротивстави на тезата дека “колевката” на човештвото била во Источна Африка.
Наодот се состои од фосилни остатоци од черепи и вилици, коишто припаѓале на 5 лица различни по возраст: три помлади, едно постаро и едно дете на возраст од околу 8 години. Заедно со нив, пронајдени биле и камени алатки, коски од животни и докази дека користеле и оган.
На сликата во прилог е направена споредба меѓу еден од черепите од наодот (лево) и череп од современиот човек (десно). Од сликата забележуваме дека предните делови (лицата) кај двата черепа меѓусебно не се разликуваат морфолошки, меѓутоа задниот дел, во којшто е сместен мозокот, е видливо издолжен кај наодот, слично како кај најраните хоминиди.
Од 2017 година до денес, откриени се повеќе артефакти коишто ги сместуваат раните хоминиди на повеќе локации во светот. Имено, во 2018 година, во Алжир беа откриени камени алатки и докази за нивна примена при касапењето на пленот, стари 2,4 милиони години. Слично откритие има и на Мадагаскар, на Филипините, во Кина... Минатата година беа изложени и докази дека неандерталците и современиот човек не само што честопати се среќавале, туку и меѓусебно се размножувале.
Пред овие откритија, постоеја некои индикации дека еволуциската линија на модерниот човек била посебна линија, надвор од еволуциската линија на неандерталецот. Во врска со тоа, антрополозите сè уште дебатираат, а неодамнешните наоди отвораат можност тоа прашање потемелно да се проучи.