Рубрика: Геологија
Цврстото Земјино јадро е многу помладо отколку што се мислеше!
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 11.02.2019 - 11:00

Магнетското поле ја штити Земјата од Сончевата радијација.

Структурата на Земјината внатрешност им е добро позната на научниците. Имено, таа е откриена според разликата во распространувањето и задушувањето на сеизмичките бранови кога тие минуваат низ различните слоеви на Земјата. Оттаму се знае дека Земјиното јадро го сочинуваат два различни слоја: цврст агрегатен слој во центарот на јадрото и флуиден (течен) слој од растопена обвивка околу него.

Јадрото во својот состав содржи голем процент на железо и помал процент на никел, и со тоа има важна улога; да го генерира магнетското поле на Земјата, кое нејзе ја штити од т.н. “Сончев ветар” – всушност, константен тек од честички исфрлувани од Сонцето, но смртоносни за животот на Земјата. Времето кога јадрото е формирано досега беше долгогодишна мистерија, а извесни траги на записи од многу слабо магнетско поле откриени се во најстарите камења, стари и до 4,2 милијарди години. Меѓутоа, еве пресврт – најновите истражувања на група геофизичари раководени од Ричард Боно (Richard Bono), геофизичар на Универзитетот во Ливерпул, Англија, покажале дека цврстиот дел од јадрото е релативно многу помлад отколку што досега се мислеше. Имено, според анализата, тој потекнува од пред само 565 милиони години, а со тоа и магнетското поле со денешната негова стабилност и јакост. Според тоа, шеговито би се рекло дека нивното потекло датира од “вистинско време” како заштита на Земјата од смртоносната Сончева радијација (види слика во прилог), и со тоа да овозможи почеток на животот на неа. Наведената група го објавила овој заклучок на 28 јануари оваа година, во научното списание Nature Geoscience.

Но, врз кои факти се темели тој нивни заклучок? Па, ќе објасниме! Тој се темели врз поврзаноста на Земјиното магнетско поле со гранулите од железо, богато содржани во колекција од камења со потекло од провинцијата Квебек, Канада. Имено, според групата, при формирање на тие камења, железото во нивниот состав би требало да се ориентира во вид на тенки иглести жички во насока север-југ, под дејство на магнетското поле на Земјата, доколку тогаш тоа постоело со оваа јакост којашто денес ја има. Но, групата не констатирала таква правилна ориентација на железните жички во камењата, туку забележала целосно магнетско безредие во насоките на тие жички, без постоење на северен и јужен пол. Оваа конфузија е покажана на левата страна од слика 1 (види подолу), а според толкувањето на истражувачите, причината за тоа е што во време на формирањето на тие камења, магнетско поле на Земјата било премногу слабо во споредба со денешната негова јакост. Оттаму истражувачите заклучиле дека во тоа време јадрото не било способно да генерира јако и стабилно магнетско поле, налик на денешното, бидејќи тогаш тоа целосно било во флуидна (течна) состојба, без да содржи во себе кристализиран централен тврд дел (таквото јадро го гледаме обоено во портокалово на левата страна на наведената слика 1). Староста на тие камења, со радиоактивен распад на ураниум содржан во нив, веќе рековме, е датирана на 565 милиони години. Според тоа, стврднувањето на флуидното јадро во цврста агрегатна состојба е започнато и е реализирано по тој датум, па така, според тие најнови научни сознанија, Земјиното цврсто јадро е многу помладо отколку што досега се сметаше. Финалниот резултат е сегашната актуелна конфигурација на Земјиното јадро и неговото генерирано јако и стабилно магнетско поле, со јасно дефинирани северен и јужен пол, ја гледаме на десната страна на сликата 1, (цврстото јадро, формирано во меѓувреме, го гледаме означено со црвена боја).

Откритието придонесе за подетаљно запознавање на историјата на нашата планета, Земјата.

Клучни зборови:
Магнетското поле ја штити Земјата од Сончевата радијација.

Магнетското поле ја штити Земјата од Сончевата радијација.

Слика 1 – Формирање на Земјиното внатрешно јадро.

Слика 1 – Формирање на Земјиното внатрешно јадро.