Едно ново истражување открива дека пчелите (аpis mellifera) се способни да ги изведат аритметичките операции собирање и одземање. Малиот мозок на пчеличката покажа дека поседува нумерички способности и краткорочна меморија за коишто претходно беше сметано дека се способни само поголемите мозоци на некои ‘рбетници. Невронауката придава голема важност на истражувањата за способноста на животните да употребат броеви, односно поимањето на нумеричноста. Разбирањето на функциите на мозокот во овој аспект им помага на научниците подобро да ја разберат врската помеѓу нумеричките и јазичните вештини во човечкиот мозок.
Голем број животински видови имаат потреба за процена на количината на некоја материја во нивните секојдневни животи, врз основа на концептот за повеќе или помалку. На пример, оваа вештина е корисна при обезбедувањето храна или при движењето во група или во јато. Но, способноста за прецизни нумерички операции коишто произлегуваат од собирањето и одземањето се помалку очигледни. Сепак, досега тие веќе се демонстрирани кај некои видови ‘рбетници, поточно кај приматите и папагалите.
Откритието на математички способности кај безрбетниците е вистинско изненадување. Пчелата е показател дека “умници” постојат и во светот на инсектите. Пчелите можат да се истренираат, можат да научат повеќе правила, а прават разлика и кај концептите за правец лево и десно, горе и долу, како и повеќе едноставни проблеми.
Во 2018, Скарлет Хауард од Универзитетот РМИТ во Мелбурн, Австралија, заедно со нејзините колеги открија дека пчелите се способни да го распознаат концептот на нула. Во најновото истражување, Хауард се навраќа на оваа тема и употребува 14 специјално истренирани пчели за понатамошно проучување на нумеричкото размислување кај особено малите мозочиња. Таа и колегите покажале дека инсектите можат да се научат да ги употребуваат боите сина и жолта како симболични показатели за собирање и одземање. Уште повеќе, обучените пчели се способни да ги употребат овие аритметички операции во решавањето непознати проблеми. Пчелите биле обучени да влезат во лавиринт во форма на Y, каде што им била прикажана одредена боја, сина или жолта, запишана со неколку форми. Пчелите потоа летале кон атриумот, којшто бил наречен соба на решенија, каде што избирале еден од двата понудени одговора. Ако почетниот стумул бил сината боја, пчелите ја избирале опцијата којашто имала еден елемент помалку, означувајќи одземање. Ако стимулот бил жолта боја, којашто означувала собирање, правилниот избор заедно со шеќерна награда бил претставен со визуелна шема каде што била додадена уште една форма. При повеќе од 100 проби, со употреба на 108 различни шеми за одземање, кои се состоеле од еден до пет елементи со четири различни форми (четириаголници, ромбови, кругови и триаголници), пчелите ја избрале точната опција во 60 до 75% од обидите, што е знак дека не се работи за случајност.
Авторите заклучуваат дека малиот инсектен мозок на пчелата е способен за изведување сложени нумерички операции.
Истражувањето е објавено оваа недела во Science Advances.