2018 се најде на 4 место на листата на најтопли години, зад 2016, 2017 и 2015 година, како дел од непрекинатиот тренд на глобално затоплување коешто го предизвикуваат активностите на човекот. Податоците беа објавени на заедничката прес-конференција што ја одржаа НАСА и НОАА. Четвртото место не значи дека трендот е во надолна линија туку се должи на природните краткорочни варијации коишто накратко го засенуваат трендот на затоплување поттикнат од човекот.
Податоците покажаа дека 2018 година во просек била потопла за 0,79°C споредено со просечната температура во 20 век, којашто изнесува 13,9°C.
На јужната хемисфера 2018 година донесе рекордно високи температури веќе втора година по ред. Некои региони од Северната полутопка исто така ги забележаа досега највисоките просечни температури, меѓу нив и делови од Европа, Блискиот Исток, Нов Зеланд и западниот дел од Пацификот. На Арктикот температурите продолжија да растат побргу и од целокупниот раст на глобалната температура.
Како што веќе пишувавме, климатските промени ја нарушуваат и шемата на врнежи во светот. Потоплата атмосфера во себе може да одржува поголема количина на водена пареа, што значи подолги сушни периоди од една страна и посилни поројни дождови од друга страна.
Иако почетокот на 2019 го одбележуваат рекордно ниски температури на северната хемисфера, предвидувањата се дека слабиот Ел Нињо ефект ќе доведе до тоа оваа година да биде потопла од минатата. Според веќе објавените проценки од Berkeley Earth и UK Met Office се очекува 2019 година да се најде на 2 место на листата на најтопли години.