Поврзаноста меѓу централниот нервен систем и огромниот број бактерии во цревата, таканаречената цревна микробиота, од неодамна се најде во фокусот на истражувањата, јавниот интерес и на медиумите. Но, како всушност функционира оваа мозочно-стомачна врска? Механизмите со коишто микроорганизмите влијаат врз функционирањето на мозокот во одредни сегменти, како што се, на пример, меморијата и социјалното однесување, и начинот на којшто тие можат да придонесат за развојот на состојби како што се депресијата и невродегенеративните болести, се слаби и честопати контроверзни.
Голем дел од досега познатите работи потекнуваат од истражувања што укажуваат на поврзаноста меѓу специфични цревни бактерии, нивните метаболити и невролошките симптоми. Но, овие корелации не ја докажуваат поврзаноста на причинско-последично ниво. Голем број од истражувањата користат животински модели, кои не ги одразуваат точно човечките особини и неговото однесување. Од друга страна, истражувањата со луѓе се ограничени. Вообичаено тие опфаќаат релативно мал број луѓе и не можат да контролираат голем број од факторите што имаат влијание врз микробиотата, како што се невообичаените диети, земањето антибиотици или антидепресиви итн.
Едно истражување објавено оваа недела во Nature Microbiology обработува дел од овие проблеми. Авторите ја анализирале микробиотата преку секвенционирање на ДНК во изметот на повеќе од 1000 луѓе кои зеле учество во белгискиот Фламански проект за цревната флора (Flemish Gut Flora Project). Тимот тогаш ги истражил врските на различните микробни таксони со квалитетот на животот на учесниците и стапката на депресија, дијагностицирана од лекар и пријавена од учесникот. Истражувачите потоа ги потврдиле наодите кај независна група од 1063 лица вклучени во холандскиот проект LifeLines DEEP. На крајот, тие ги обработиле податоците за да добијат каталог којшто ја опишува способноста на микробиотата да произведува или разградува молекули што можат да се поврзат со човечкиот нервен систем.
Истражувачите откриле дека два вида бактерии, Coprococcus и Dialister, биле присутни во помал број кај луѓето со депресија. Тие забележале позитивна корелација меѓу квалитетот на животот и потенцијалната способност на цревниот микробиом да синтетизира краен производ од невротрансмитерот допамин, таканаречената 3,4-дихидроксифенилацетна киселина. Добиените резултати се досега најсилниот показател дека микробиотата може да влијае на менталното здравје кај човекот.
Но, поврзаноста е сè уште на ниво на корелации, не и на причинители. Истражувачите знаат дека цревната микробиота може да произведе или да стимулира производство на невротрансмитери и невроактивни соединенија, како што се серотонинот, ГАБА и допаминот, и дека овие соединенија можат да го модулираат бактерискиот раст. Предизвикот сега е да се открие дали и како овие молекули добиени од микроорганизмите можат да комуницираат со човечкиот централен нервен систем и дали тоа го менува однесувањето на лицето или го зголемува ризикот од болест.