Рубрика: Геологија
Камен со потекло од Земјата донесен од Месечината!
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 01.02.2019 - 10:45

Деновиве, во научното списание Earth and Planetary Science Letters е објавена многу интересна информација – камен донесен од Месечината, според научниците геолози, сепак потекнува од Земјата. Каменот има димензии околу 2 cm во пречник, а се наоѓа во составот на големата колекција камења донесени од Месечината, собрана од астронаутите при мисиите Аполо.

Но, како тој камен од Земјата се нашол на Месечината? Неговата старост геолозите ја пресметале на околу 4 милијарди години, што значи дека тој потекнува од најраниот период на Земјата, од времето кога таа била интензивно бомбардирана од астероиди, па со удар на некој астероид, каменот бил исфрлен од површината на Земјата кон Месечината, која во тоа време се наоѓала трипати поблиску до Земјата отколку што е денес. Ваквото сценарио можеби изгледа провокативно, но за геолозите тоа не претставува изненадување. Имено, има многубројни примери на камења најдени на нашата планета коишто потекнуваат од надвор од Земјата, на пример од Месечината, или од Марс, или од разни заталкани астероиди.

Со потеклото на примероците земени од Месечината, неколку години се занимаваше една екипа раководена од Дејвид Кринг (David Kring), геолог на Планетарниот институт во Хјустон, Тексас (Planetary Institut Houston, Texas), автор на студијата публикувана во наведеното научно списание. По обемната хемиска анализа, не само на тој “Месечев” камен, туку и на голем број други слични камења со сомнително потекло, донесени од Месечината, екипата заклучи дека нивното потекло од Земјата е најлогичен заклучок. Ваквиот заклучок тие го донеле врз основа на хемискиот состав на тие камења. Имено, констатацијата дека тие камења во нивниот состав ги имаат истите минерални компоненти како и камењата на Земјата, во прв ред кварц и минерали од групата “фелдспати”, коишто вообичаено се содржат во земјините гранитни карпи. Потоа следува радиоактивниот ураниум, со помош на кој според степенот на неговото континуирано распаѓање во циркониум, екипата ја пресметала староста на “Месечевиот” камен на 4 милијарди години. Сега следува најбитното! Освен наведените минерали во “Месечевите” камења, екипата констатира дека тие содржат траги и од уште два многу важни елемента коишто многу кажуваат за потеклото на камењата – едниот е титаниум, којшто е индикатор за утврдување на температурата и притисокот што владееле во средината кога тие камења се формирале, а другиот е цериум, којшто го покажува постоечкото количество вода во истата таа средина.

Според лидерот на екипата, Кринг, индикациите на наведените две клучни компоненти покажуваат дека предметните “Месечеви” камења се формирале под дејство на притисок и температура какви што постојат на 19 km под површината на Земјата, во средина богата со вода, каква што денес вообичаено постои на таа длабочина. Ако слични такви услови бараме на Месечината, тие постојат на длабочина од дури 170 km под нејзината површина, меѓутоа, останува проблематично количеството вода на таа длабочина. Според сето тоа, екипата заклучила дека опцијата тие камења да биле формирани на Месечината е нелогична и неоснована, па ја отфрлиле.

На крајот, ќе кажеме уште и дека наведениот “Месечев” камен не е најстарата земјина реликвија, постари од него се кристалите од циркон, најдени во Западна Австралија, датирани на старост од 4,4 милијарди години т.е. на старост од само 150 милиони години по формирањето на Земјата.

Клучни зборови: