Поларната светлина се манифестира на небото во вид на магливи зелени, понекогаш и црвени ленти, во близина на поларните области на Земјата. Но, aurora borealis, на северната хемисфера, и aurora australis, којашто се формира на јужната хемосфера, претставуваат два различни феномена, а научниците сега сметаат дека знаат и зошто.
Аурората се појавува кога сончевиот ветер, којшто претставува млаз од наелектризирани честички емитувани од Сонцето, ќе се сретне со магнетното поле на Земјата. Со оглед на тоа што наелектризираните честички се движат долж симетричните магнетни линии коишто ги поврзуваат магнетските северен и јужен пол на Земјата, сосема логична би била претпоставката дека атмосферските појави на јужната и на северната хемисфера се исти. Но, со напредокот на технологијата за набљудување и снимање на Земјата, оваа логична претпоставка во 2009 година беше доведена во прашање. Имено, токму тогаш научниците забележаа истовремено формирање на аурори над двата пола, но она што “бодело очи” е што шематската структура на поларната светлина се разликувала.
Во неодамнешното истражување, објавено во Journal of Geophysical Research: Space Physics, биле испитани сликите на 10 асиметрични аурори, фотографирани истовремено над двата пола, а биле испитани и промените во поларните светлини поврзани со промените во магнетната опашка на Земјата. Истражувачите откриле дека кога сончевиот ветер приоѓа кон Земјата во насока исток-запад, тој создава нееднаков притисок на магнетната опашка на Земјата и притоа ја искосува кон страната на Земјата којашто во тој момент е прекриена со темнина. Токму ова закосување е главниот виновник за разликите во обликот и локацијата на северната и на јужната поларна светлина.
Откритието може да помогне во предвидувањето на сончевите бури коишто можат да го нарушат функционирањето на електродистрибутивните мрежи, сателитите, телекомуникацииите, а се опасни и за астронаутите кои во тој момент престојуваат во вселената.