Рубрика: Телекомуникации
YOTA 2018 декември месец на младите радиоаматери
Автор: Зоран Гроздановски
Објавено на 22.01.2019 - 12:30

Z30YOTA – Штип

IARU REGION 1 преку неколку програми им го доловува радиоаматерството на младите како хоби на денешницата и на иднината, TTT, YCP, DYM, или обука на инструктори, Контест програма за млади и Декември, месец на младите радиоаматери. Радиоаматерскиот сојуз на Македонија (РСМ) две години по ред активно се вклучува во овие програми, особено во месецот на младите, популарно наречен YOTA 2018, а од оваа година и ТТТ во летниот камп во август 2019 година.

Во декември 2017 година, за првпат млади членови на РСМ, радиооператори зедоа учество во YOTA месецот, што беше првата голема активност на Андреј Мицков, Андреј Антуновиќ и Никола Прчков од РК “Стево Патакот” од Битола, од добивањето на лиценците за работа, и Велјан Ѓорѓиов од РК “Искра” од Кавадарци, како искусен радиооператор и учесник во голем број меѓународни напревари. Се одржаа околу 1000 врски. Претежно SSB (фонија) и еден дел CW (телеграфија) од страна на Велјан, кој се води според мотото CW Forever.

За 2018 година беше започната иницијатива тоа да се регулира малку порано и како радиоаматерски сојуз да влеземе подготвени за претстојната акција на ИАРУ, месецот на младите. На состанокот на ИО и на други присутни членови, во октомври, во Кочани беше договорeно да се поднесе барање за два специјални повикувачки знака Z39YOTA и Z30YOTA и да се издејствува работење на станица за деца и млади под 25 години, без добиена лиценца за работа, а согласно правилата во повикот за учество на организацијата YOTA. Во претходни консултации со колегите радиоаматери од неколку градови, имаше најави дека сакаат токму на тој начин, со “фрлање во оган“ и со кратка обука, да се обидат да ги привлечат дечињата кон радиоаматеризмот. На состанокот, секретарот на РСМ беше задолжен да ги изготви барањата за повикувачките знаци до АЕК, а Зоран Гроздановски беше назначен за координатор на YOTA активностите на РСМ.

Барањето за одобрување два специјални повикувачки знака Z39YOTA и Z30YOTA до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) беше доставено заедно со повикот за учество објавен од YOTA, а во него беа наведени РК “Стево Патакот” (Z37CEF) и РК “Железничар” (Z37FFF), како носители на активностите кои претходно упатија барање до РСМ. Со ова настана забуна и се создаде впечаток дека сопственици на знаците се двата радиоклуба, а не РСМ. Поради ова изостана активирањето на неколку дечиња, а неколку се вклучија подоцна во месецот, иако во објавите за YOTA месецот никаде не беше спомнато дека учесниците мора да бидат членови на радиоклуб и членови на РСМ. Координацијата на активностите по бандови и видови на работа се одвиваше преку посебна чет-група на фејсбук и тоа функционираше беспрекорно, не се случи ист повикувачки знак да се појави истовремено на ист радиоаматерски банд и со ист вид на работа.

 Морам да забележам дека претежно активностите се oдвиваа во викендите, поради обврските што децата ги имаат во месец декември, тестови и крај на полугодие, но и поради немањето фиксни инсталации за работа во Скопје и во Штип, каде што се работеше портабл или од контест-локацијата на Сушево. Следната година со кампањата РСМ треба да започне поагресивно, за да може да се анимираат и останатите градови, Гевгелија, Струмица, Охрид, каде што има потенцијал за активност и присуство на искусни радиоаматери кои ќе бидат ментори на младите.

Искусните радиооператори со добиени лиценци и свои повикувачки знаци ги искористија сите видови радиоаматерско работење на станица, SSB-фонија, CW-телеграфија, дигитални модови RTTY, PSK, FT8 и за нив ова беше уште едно искуство за работење во pile-up, или повикување од голем број радиостаници, што многу ќе значи во нивното понатамошно работење во натпревари. Сепак, главниот акцент беше ставен на работењето со дечињата од основното образование, за кои ова беше прв допир со нашето хоби и радиостаница. Најнапред следуваше кратка обука од страна на нивните ментори каде младите се запознаа со основите – што е радиоаматерството, што смее и што не смее да се зборува на станица и кои информации се разменуваат. Децата работеа во присуство и со помош на менторите, а повикувачите од разни земји на светот беа исклучително трпеливи и полни со разбирање за статусот и за искуството на радиооператорите, а среќата на дечињата беше бесценета. Најубавите моменти беа кога едно детенце разговара на радиостаница, а од другарчињата се слуша шепот: Шведска? За тоа вреди да се ангажираме уште повеќе и следната година како сојуз да бидеме и поподготвени и со повеќе почетници радиооператори.

Десетгодишната Лина Јанеку одржа четириесетина радиоврски и влезе исклучително подготвена од својот ментор Петрика Јанеку (Z34PEC), а Петар Христовски (10 години) ја одржа својата прва радиоврска. Вистински хит беше Игор Коцев (Z33IKN), кој без никави подготовки ја втурна десетгодишната ќерка Неда во нашето хоби. Тие работеа од Скопска Црна Гора и од парк-шумата Гази Баба, со портабл опрема, а фотографијата на Неда како работи на радиостаница стана вирална и беше споделена над 1000 пати од радиоаматерски профили на Твитер и на Фејсбук.

Од почетокот на летото, во РК “Никола Тесла” – Штип се одржуваше курс за радиооператори и YOTA месецот беше добредојден за нив, за да ги стекнат првите искуства на радиостаница, а во истиот месец шестмина од нив го положија радиоаматерскиот испит пред АЕК и се стекнаа со П лиценца и со сопствени повикувачки знаци. Годинава ни се приклучи Ване Јованов од Неготино, кој беше воодушевен од pile-up што го направи и своето работење го сними преку СДР приемник, а аудиото може да се слушне на следниов линк тука

И покрај малиот број врски, целта што ја зацртавме мислам дека ја остваривме, да се обидеме да “заразиме“ барем десетина деца со нашево хоби, а се надевам дека менторите ќе продолжат со својата работа и нема да чекаат до следниот декември за да ја продолжат обуката на  децата.

РСМ како наш претставник во ИАРУ оваа година ќе испрати пет свои членови на возраст од 15-25 години, во летниот YOTA камп, кој ќе се одржи во близина на Софија, Бугарија од 11-17 август, во програмата ТТТ, односно обучување инструктори кои потоа во своите земји ќе продолжат со обука на млади радиоаматери. Во кампот, покрај дружењето ќе се одржуваат тематски работилници, склопување кит уреди, посета на Аком фабриката за линеарни засилувачи и посета на бугарските тнр. Big Gun контест-локации и запознавање со нивната инфраструктура: антенски системи, радиоуреди, филтри и начин на работа.

 

Учесници во YOTA 2018:

  1. Велјан Ѓорѓиов Z33C, 22г, Кавадарци
  2. Ване Јованов Z31VAJ, 18г, Неготино
  3. Андреј Антуновиќ Z35TUN, 17 год, Битола
  4. Андреј Ферџо Мицков Z33RTF, 16г, Битола
  5. Лина Јанеку, 10г, Скопје
  6. Иван Стојилков, 12г, Штип
  7. Методи Донев,  12г, Штип
  8. Иван Зафиров, 14г, Штип
  9. Дарко Ѓоргиевски, 14г, Штип
  10. Бобан Герасимовсски, 14г, Штип
  11. Неда Коцева 10г, Скопје
  12. Миа Закев 10г, Скопје
  13. Стефан Јованов 10г, Скопје
  14. Стефан Трајковски 10г, Скопје
  15.  Петар Христовски 10г, Скопје

Ментори: Петрика Јанеку Z34PEC, Гоце Бошковски Z36TT, Велјан Ѓорѓиов Z33C, Игор Дериволов Z32ID, Миле Кокотов Z33T, Игор Коцев Z33IKN.

 

73, се гледаме во Софија

 

 


Термини и кратенки:

IARU – international Amateur Radio Union, Меѓународна радиоаматерска унија

YOTA – Youngsters On The Air, Млади во етерот

TTT – Train The Trainer, Обучи го обучувачот

YCP – Youth Contest Program, Натпреварувачка програма за млади

РСМ – Радиоаматерски сојуз на Македонија

Клучни зборови:
Z30YOTA – Штип

Z30YOTA – Штип

Велјан Ѓорѓиов Z33C, 22г, Кавадарци

Велјан Ѓорѓиов Z33C, 22г, Кавадарци

Андреј Антуновиќ Z35TUN, 17г, и Андреј Ферџо Мицков Z33RTF, 16г, двајцата од Битола

Андреј Антуновиќ Z35TUN, 17г, и Андреј Ферџо Мицков Z33RTF, 16г, двајцата од Битола

Сликата на малата Неда Коцева, 10г, од Скопје, што го обиколи светот

Сликата на малата Неда Коцева, 10г, од Скопје, што го обиколи светот

Малата Лина Јанеку, 10г, од Скопје

Малата Лина Јанеку, 10г, од Скопје