Ноќта меѓу 20 јануари (недела) и 21 јануари (понеделник), на континентите Северна и Јужна Америка ќе може да се гледа целосно затемнување на Месечината, додека во Европа тоа ќе се гледа во раните утрински часови на 21 јануари. Причината за оваа разлика се различните временски зони на коишто е поделена Земјата поради нејзината ротација околу замислената оска, кои помеѓу централна Европа од една страна и централна Северна и Јужна Америка од друга страна се разликуваат за околу 6 часа, па кога во Америка е полноќ, кај нас е околу 6 часот наутро. Единствено Португалија и Исланд се временски поблиску до средното американско време, па од нив, затемнувањето исто така ќе се гледа како целосно во доволно долг временски период над хоризонтот.
Секое затемнување на Месечината е резултат на нејзиното поминување низ Земјината сенка, а геометријата на затемнувањето е прикажана на една од сликите во прилог. Освен тоа, ова затемнување ќе биде “збогатено” со поволната околност поради тоа што Месечината на нејзината орбита околу Земјата сега се наоѓа блиску до точката во којашто е најблиску до Земјата (перигеј), па таа привидно e малку зголемена (Supper Moon) во однос на нејзината вообичаена големина. Затемнувањето ќе започне кога Месечината ќе навлезе во Земјината полусенка (penumbra), и тогаш таа ќе започне да се обојува со црвеникава боја, слично како Сонце пред залез, а најтемната црвена обоеност ќе ја добие при поминување низ средината на Земјината сенка (umbra). Tаквата црвена Месечина астролозите ја нарекле “Крвава Месечина", која според нив претскажува несреќа, но во тоа нема никаква научна основаност, исто како што нема во хороскопските претскажувања. Во секој случај, се работи за возбудлив настан кој мошне ретко се случува.
Во Македонија, ццелосното затемнување ќе се случи во раните утрински часови на 21 јануари, кога Месечината ќе биде на заоѓање, ниско над хоризонтот. За Скопје важат следниве временски точки: во 3:36 часот, Месечината е 35° над хоризонтот и влегува во Земјината полусенка; во 4:33 часот, Месечината е 25° над хоризонтот и целосно е навлезена во Земјината полусенка; во 5:41, Месечината е 13° над хоризонтот и почнува да влегува во Земјината сенка; во 6:12, Месечината е 7,8° над хоризонтот и е во максимумот на затемнувањето; а во 6:43 Месечината е само 2,8° над хоризонтот и излегува од Земјината сенка.