Книгата “Пасивно користење на сончевата енергија во архитектурата” од д-р Петар Николовски е негова трета книга од областа на одржливата архитектура и одржливото градежништво, енергетската ефикасност во високоградбата и оптималното користење на обновливите видови енергија.
Кога ќе се спомне активно користење на сончевата енергија во зградите, најчесто се мисли на активно користење на сончевите зраци од страна на системи за добивање топла вода или добивање електрична енергија со помош на фотоволтаични панели. Но, другиот потенцијал на сончевата енергија е нејзиното пасивно користење, за што не се потребни технички системи и опрема. Потребно е само елементарно познавање на основните астрономски параметри на Сонцето и неговото влијание врз Земјата, динамичкото позиционирање на Земјата во однос на Сонцето во текот на целата година, механизмите на делување на сончевите зраци, современите материјали, системи и градежни конструкции и технологии за нивна примена, основите на градежната физика за пренесување на топлината со детална анализа на својствата на современите стакло-пакети, како еден од суштинските елементи за пасивно користење на сончевата енергија во архитектонското проектирање на одржливи објекти.
Токму оваа материја систематски е обработена во книгата “Пасивно користење на сончевата енергија во архитектурата”. Систематичноста во приодот кон анализата на сите битни елементи за пасивното користење на сончевата енергија во архитектурата, може корисно да им послужи на архитектите во нивната секојдневна работа, но и да побуди интерес за дополнителна едукација и за следење на динамичниот равој на знаењето во оваа област. Во неа, авторот го анализира пасивното користење на сончевата енергија во архитектурата на зградите како важна компонента на одржливото градежништво и архитектурата во современиот контекст на интерпретација на одржливиот развој. За архитектите и инженерите кои проектираат и градат енергетски ефикасни згради е корисно да ги познаваат факторите на сончевото греење (енергетски, светлински и други), како и формите на пренесување на топлината. На тој начин, тие ќе можат рационално да ги искористат за минимизирање на енергијата неопходна за време на престојот во зградите.
Во книгата особено внимание е посветено на урбанистичкото планирање кое има одреден придонес кон пасивното користење на сончевата енергија за реализирање на енергетски ефикасните згради. Освен тоа, разгледани се улогата и придонесот на застаклените делови на фасадите и на т.н. топлински мостови во конструкциите од обвивката на зградите врз енергетската ефикасност на зградите.
Акцент е даден и на проблемот за проектирање пасивни згради од аспект на пасивното користење на сончевата енергија за нивно греење во текот на зимската сезона (директни сончеви добивки, надворешна транспарентна топлинска изолација и др.) и ладењето на просториите во лето. Освен тоа, детално се разгледани и методите за заштита на зградите од сончево прегрејување лете, со цел да се постигне значителна заштита на енергијата потребна за нивното вентилирање и климатизирање, дури и во регионите со жешка летна клима.
За архитектонското проектирање на згради со различни типови застаклени фасади, разгледани се специфичните топлинско-изолациски, соларни и светлински карактеристики кои имаат суштинско значење при пасивното користење на сончевата енергија, за да се постигне енергетската ефикасност во согласност со нормативите за топлински и светлински комфор во просториите.
Книгата можете да ја набавите од е-продавницата на ЕМИТЕР, тука, по популарна цена од само 350 денари.