По новогодишните празници, најголем дел од природните елки користени како украс завршуваат на депониите низ светот. Новогодишните елки имаат стотици илјади борови иглички на коишто, за разлика од другите лисја, им треба многу долго време за да почнат да скапуваат. Освен тоа, боровите иглички во процесот на гниење испуштаат огромни количини стакленички гасови.
Но, Синтија Карти, докторанд на Одделот за хемиски и биолошки инженеринг при Универзитетот во Шефилд, откри дека боровите иглички можат да се искористат за добивање нови производи.
Најголемиот дел од боровите иглички го чини лигноцелулозата. Се работи за сложен полимер којшто боровите иглички ги прави неупотребливи како суровина за добивање енергетска биомаса и поради којшто се подеднакво бескорисни за употреба во најголем дел од индустриските процеси. Истражувањето на Карти се фокусирало на можноста за разградување на сложената полимерска структура на игличките и за добивање широкоупотребливи индустриски суровини, како што се шеќери и феноли, коишто се составен дел, на пример, од средствата наменети за чистење во домаќинството, но и за одржување на оралната хигиена.
Разбивањето на сложениот полимер било направено со помош на топлина и растворувачи, како е глицеролот, на пример, којшто е истовремено и евтин и безопасен за околината. На крај од растворањето, хемиската структура на боровите игли била поделена на течен производ (био-масло) и цврст нуспроизвод.
Био-маслото вообичаено содржи гликоза, оцетна киселина и фенол. Овие хемикалии се користат во многу индустриски процеси – гликозата се користи во производството на засладувачи за храна, додека оцетната киселина за правење бои, лепила, па дури и оцет. Процесот е одржлив и создава нула отпад, бидејќи и цврстиот нуспроизвод може да се искористи во други индустриски хемиски процеси. Убавината е во тоа што во овој процес може да се рециклираат и релативно свежи, но и постари фрлени новогодишни дрвца.
Само во Велика Британија, за време на новогодишните празници се користат околу 8 милиони природни новогодишни елки од коишто околу 7 милиони завршуваат на депонија. Новите процеси ќе придонесат овој отпад повторно да стане корисен и, на пример, уште еднаш да ја украси куќата, сега во вид на боја за ѕидови. Покрај тоа, значително би се намалила и количината на произведени стакленички гасови коишто настануваат при гниењето на боровите иглички, а се предвидува дека би се намалила и употребата на пластични новогодишни елки.