Рубрика: Астрономија и астронаутика
Што би се случило ако Месечината исчезне?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 24.12.2018 - 11:45

Како што веќе знаеме, Месечината бавно се оддалечува од Земјата, со брзина од околу 3 сантиметри годишно. Како последица на ова, едвај забележливо забавува и Земјината ротација. Но, што би се случило ако еден ден се разбудиме и Месечината ја нема? Tech Insider понуди кратко видео за можните последици од овој настан.

Една од работите што би се промениле е тоа што ноќите би биле многу потемни. Толку сме свикнати на присуството на Месечината што дури и не забележуваме дека таа ја осветлува ноќта како фенер, особено полната Месечина. Полната месечина е во просек 14 000 пати посветла од најсјајниот објект што можеме да го видиме на ноќното небо – “ѕвездата” Деница, односно планетата Венера.

Втора работа што би се нарушила е системот на плима и осека, кадешто влијанието на Месечината е огромно. Па така, без Месечината, највисоките плими би се намалиле за дури 75%. Ова би го нарушило крајбрежниот екосистем, бидејќи животот на голем број ракчиња, школки и морски полжави зависи од регуларниот систем на плима-осека. Последователно, ова би ги погодило животните што зависат од нив за храна.

Во поглед на морскиот свет, исчезнувањето на Месечината најголем негативен удел би имало на размножувањето на коралите на Големиот Корален Гребен во Пацификот. Имено, за време на полната Месечина, во ноември, колониите корали што го населуваат гребенот во рок од неколку минути испуштаат милиони јајце-клетки и семиња. Научниците знаат дека полната месечина влијае на тајмингот на целиот настан, но сè уште не се сигурни како.
Но и на копно, Месечината влијание на процесот на размножување кај голем број животни. Така, на пример, црвените јастози по цел живот поминат далеку од брегот, за време на последната четвртина пред млада месечина, се спуштаат во крајбрежјето, каде што женките ги полагаат јајцата.

Уште една работа што би се променила е времето. Океанските струи поттикнати од системот на плима и осека помагаат во мешањето на ледената арктичка вода со топлите тропски води, што понатаму има глобално влијае на температурата на воздухот и на стабилизирањето на светската клима. Без Месечината, временските прогнози би биле речиси невозможни, а просечната разлика помеѓу најтоплата и најстудената точка на Земјата би била екстремно голема.

Но, сево ова би била мала промена споредено со промената на наклонот на Земјината оска. Во моментов, благодарение на гравитациското влијание на Месечината, Земјината оска е под наклон од 23,5°. Ако Месечината ја снема, наклонот на Земјината оска би варирал помеѓу 10° и 45°. Некои експерти проценуваат дека влијанието на Јупитер би помогнало Земјата делумно да се стабилизира во ова колебање. Но, само мала промена во наклонот на Земјата, од само 10°, би значела целосна промена на системот на годишни времиња. Имено, само мали промени во наклонот на Земјината оска од 1° до 2°, какви што се случувале во минатото, според научниците, придонесувале за настанувањето на ледените доба на Земјата.

И конечно, Месечината не е важна само денес за живиот свет на Земјата. Научниците сметаат дека таа одиграла клучна улога при настанокот на животот пред околу 3,5 милијарди години. Па така, без неа, Земјата веројатно би била уште една безживотна карпа во орбитата околу Сонцето.
 

Што ако Месечината исчезне?
Клучни зборови: