Рубрика: Медицина
Нереалните очекувања од ТВ-сериите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 21.12.2018 - 11:45

или како едно истражување покажа дека постојат поголеми шанси да умрете во фиктивна ТВ-болница, отколку во вистинска.

Сите што ги голтаат или ги голтале медицинските ТВ-драми “Вовед во анатомија”, “Стажанти”, “Емили Овенс МД”, “Доктор Хаус”, “Приватна пракса”, “Итна помош”, “Општа болница” и кои уште не сегашни и минати играни серии, обавезно ќе треба да го прочитаат текстов. Некој ќе се изненади, а некој можеби и не баш, но едно истражување неодамна спроведено во САД, покажа дека осознавањето на медицински термини и податоци преку гледање на ТВ-серии со ваква тематика можеби не е најпаметна работа.

Истражувачкиот тим предводен од хирургот Џордан Вајнберг од Болницата Свети Јосиф и Медицинскиот центар во Аризона, непрекинато изгледале 12 сезони од популарната ТВ-сериja “Вовед во анатомија” и направиле споредба на третманот на 290 фиктивни пациенти опишани во серијата наспроти податоците од вистински 4812 пациенти и резултатите од нивното лекување, опишани во Националната банка на податоци за траума од 2012 година. Банката на податоци се агрегира од болничките случаи што ги собира Американскиот хируршки колегиум, здружение на американските хирурзи кое има за цел подобрување на квалитетот на грижата за пациентите со хируршки интервенции, преку поставување на високи стандарди во образованието и во практиката во областа на хирургијата.

Добрите вести се дека стапката на смртност во фиктивната болница Сиетл Грејс е трипати поголема од американскиот просек. Имено, во вкупно 269 епизоди починале 22% од фиктивните пациенти, наспроти само 7% во вистинскиот живот.

Покрај тоа, процедурите и приказните опишани во “Вовед во анатомија” толку многу се разликуваат од случувањата во реалниот свет, што Вајнберг и колегите се загрижени дека гледачите може да имаат нереални очекувања при нивните болнички искуства. Како што заклучува тимот, ТВ-драмата може кај пациентот да створи погрешна слика за квалитетот на примената медицинската услуга и незадоволство од неа.

Според приказот во ТВ-драмите, 71% од пациентите примени во итната служба оттаму биле директно транспортирани во операционата сала, додека во реалноста овој процент е далеку помал – само 25%.  Помеѓу пациентите коишто не починале во амбулантната кола, во одделот на итната медицинска служба, на операционата маса или во болничката соба, само 6% од нив биле префрлени во некоја установа специјализирана за долготрајна болничка грижа, додека во вистинскиот свет оваа бројка изнесува околу 22%.

Ако во болничките серии претеруваат со стапката на смртност на пациентите, може слободно да се каже дека стапката на чудесни излекувања е подеднакво претерана. Било забележано дека во сериите речиси половина од пациентите со тешки повреди биле отпуштени од болничко лекување за помалку од една недела. Според Националната банка на податоци за траума ваква среќа имале само 20% вистински пациенти, значи секој петти пациент.

Нормално, Вајнберг и коавторите на истражувањето се свесни и се согласуваат дека несовпаѓањата помеѓу реалната и фиктивната медицина се направени во прилог на возбудливоста на приказната од ТВ-драмата. Како што пишуваат во нивниот труд објавен во журналот Trauma Surgery & Acute Care Open, секојдневието е премногу прозаично за да го задржи интересот на публиката па “Американските ТВ-драми фаворизираат приказни во коишто се претставуваат ретки болести, несекојдневни манифестации на честите болести, фантастични и чудни повреди, како и чести несреќни случаи со голем број повредени, сите сместени во “реалноста” на “типичната” американска болница”.

Една друга група истражувачи, предводена од Џон Хигинс од Медицинската школа Мекговерн при Универзитетот на Тексас, го разгледала приказот на медицинската професија во серијата “Добриот доктор” каде главен лик е аутистичниот савант Шон Марфи. Хигинс се согласува дека работата на Марфи е портретирана релативно точно, но има проблем со некои од последните епизоди од ТВ-серијата, каде главниот лик дава неочекувано точна дијагноза на срцевиот проблем на пациентот. Хигинс објаснува дека начинот на размислување на Марфи има големи недостатоци, односно дека објаснувањето на опишаните симптоми е неконзистентно со напредните објаснувања. Забелешките се објавени во медицинскиот професионален билтен MedPage Today.

Двете анализи се надоврзуваат на растечкотиот тренд на истражувања за начинот на којшто медицинските телевизиски драми влијаат на гледачите. Минатата 2017 година Брајан Примак од Медицинската школа при Универзитетот во Питсбург ги споредил резултатите од 19 одделни истражувања коишто го разгледувале влијанието на ТВ-шоуата како “Вовед во Анатомија”, “Итна служба” и “Д-р Хаус”. Во нивното истражување Примарк и колегите забележале дека 11% од нив имале негативно влијание врз знаењето на јавноста поврзано со здравјето, додека 32% од истражувањата велат дека ефектот е спротивен, додека остатокот од истражувањата немале јасен став по ова прашање.

Клучни зборови: