Книгата “Концепт на приод кон мултидисциплинарното проектирање на нискоенергетски и пасивни згради” овозможува да се стекнат основните сознанија и информации за значењето и начинот на приод кон проектирање и изведување на нискоенергетски и пасивни згради
Концептот за градба на нискоенергетски, пасивни, нулаенергетски, биоклиматски, плус нулаенергетски и други згради е многу актуелен и сè повеќе применлив во светски рамки. Тој е резултат на сè поголемата освестеност за ограниченоста на енергетските ресурси, но можеби поважно за влијанието врз животната средина и наследството кое го оставаме за идните генерации.
Насловот на книгата коректно ја доловува обработената материја. Тука не се навлегува во детали од технички и технолошки аспект, со што се овозможува образложената проблематика да биде разбирлива и интересна за публиката со општо образование, но може да послужи и како извор за основни сознанија за публика со техничко-технолошка заднина.
Книгата има логична и континуирана содржина и опфаќа воведен дел во којшто се објаснува потеклото на термините нискоенергетски и пасивни згради, како и причините што доведуваат до нивно конципирање; хронолошко проследување на тенденциите за пристап кон намалување на енергетските потреби на станбените објекти, од првичниот критериум до најсовремениот; стандарди “водачи” кон интегрирано проектирање и изградба на т.н. одржливи згради; процес на проектирање, каде што се образложени релевантните фактори за проектирање нискоенергетски и пасивни згради; пасивна зграда, каде што се посочени основните фактори што го чинат овој концепт, како: суперизолација, ефикасниот систем за рекуперација на топлината, пасивните сончеви топлински добивки, енергетски ефикасните електрични уреди и осветлувањето, обезбедувањето на другите енергетски потреби од обновливи извори на енергија; пример од практиката за изведена нулаенергетска куќа со многу ниски потреби од енергија за загревање, што се обезбедува со пасивно и активно користење на сончевата енергија; и примери од реализираниот европски проект CEPHEUS, кој ги поставил основните принципи и стандарди за економски оправдани пасивни згради.
Целокупната материја е опфатена на начин што сликовито, преку табели, дијаграми, шеми и фотографии ги доловува направените споредби, достигнувања, разлики, концепти, применети материјали, опрема и пристап. Така, содржината на книгата е извонредно интересна, разбирлива и логична за следење.
Книгата можете да ја набавите од е-продавницата на ЕМИТЕР, тука, по популарна цена од само 350 денари.