Ќе започнеме од структурата на универзумот. Според научните студии таа е составена од вкупно 3 компоненти: од 4% класична материја од која се составени сите небески објекти вклучувајќи нè и нас самите, потоа од 21% невидлива т.н. темна материја и конечно од 74% непозната т.н. темна енергија. Гледаме од графикот дека содржината на универзумот рамноправно ги вклучува и енергијата и материјата, во согласност со Ајнштановата равенка E = m • c2, според која тие се еквивалентни физички големини и можат да се претвораат една во друга, па структурата на универзумот можеме да ја изразиме или целосно во материја, или целосно во енергија.
Но, рековме дека темната материја и темната енергија се невидливи, односно непознати супстанци, па како тогаш се знае дека тие се делови од универзумот? Одговорот е дека тие се разумно воведени врз основа на видливи ефекти од нивното дејство. Така темната материја е решение за неправилната кружна брзина на звездите на периферијата на галаксиите, имено, според актуелните физички закони таа брзина мора линеарно да опаѓа со растојанието од галактичкиот центар, што не е случај, туку таа брзина е константна на било која далечина од тој центар. Слично е и со темната енергија, таа е воведена како решение за акцелерациската експанзија (забрзано ширење) на универзумот.
Структурата на овие две компоненти со децении претставува енигма за научниците, па во настојување таа енигма некако да се разреши, направен е обид наведените две загадочни компоненти да се унифицираат (обединат) преку воведување на нова обединувачка хипотетична супстанца т.н. темен флуид, составен од материја со негативна маса,чиешто постоење е лабораториски докажано. Да го објасниме поимот “флуид”, тоа е заеднички назив за течни и гасовити супстанции, што меѓусебно сличат по големата подвижност на нивните делови, односно големата слобода на движење на нивните молекули, споредено со молекулите од цврстата материја. Идејата за вакво унифицирање доаѓа од теоретичарот Џејми Фернс (Jamie Farnes) од Универзитетот во Оксфорд, Англија. Тој деновиве ја објавил идејата во угледното научно списание Astronomy and Astrophysics, каде со акцент дека хипотетичната супстанца темен флуид добро ги објаснува ефектите и на темната енергија и на темната материја. Имено, бидејќи флуидот се состои од негативна маса, акцелерациската експанзија на универзумот тој ја објаснува како последица од одбивното дејство на негативната маса, кое ги тера галаксиите во универзумот сè позабрзано да се оддалечуваат една од друга. Додека, пак, дејството на темната материја, флуидот го објаснува така што тој ги обиколува галаксиите, па делувајќи одбивно на ѕвездите од периферијата, нив ги “компримира” кон галактичиот центар. Ова е исто како да постои дополнително привлечно дејство кон галактичиот центар под влијание на некоја класична дополнителна материја.
Но, како што е вообичаено, секоја појава на некоја нова научна идеја и хипотеза, отвора научни дебати и реплики. Па, таков е случајот и со оваа хипотеза. Конкретно, реално е дека негативната материја треба на некој начин постојано да се создава и обновува. Главната замерка кон оваа хипотеза е што таа не дава објаснување ниту како, ниту дали воопшто се одвиваат вакви процеси, па тоа е главната причина зошто таа сè уште не е дефинитивно прифатена како научна можност.
Списанието ЕМИТЕР ќе го следи натамошниот тек за статусот на оваа хипотеза и ќе ја известува јавноста!