Рубрика: Омнибус
Образованието е столб за иднината на Ромите во Македонија
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 18.12.2018 - 11:45

Образованието е столб за иднината на Ромите во Република Македонија, беше речено на денешната конференција за затворање на проектот “Градење на посилно граѓанско општество за поттикнување на напорите за унапредување на образовната инклузија на Ромите“, реализиран од Здружението за поддршка на маргинализирани групи Ромски Ресурсен Центар (РРЦ) и Центарот за грижи за семејства и деца (КМОП) од Атина, Грција.

Според Ипек Усаинова, претседател на Ромски Ресурсен Центар, образованието е клуч за успех на една личност, на една заедница и на едно општество. Поради ова, вели таа, РРЦ промовира и се залага за унапредување на образованието на ромската заедница.

“Главна цел на проектот беше да ги зајакне локалните граѓански организации да бидат препознатливи и да бидат носители на промените за инклузивното образование на Ромите. Од друга страна, ја унапреди соработката меѓу граѓанскиот сектор, локалните и националните институции заедно да делуваат, долгорочно, за подобрување на инклузијата на Ромите во образованието“, потенцираше Усаинова.

Пратеникот во Собранието на Република Македонија, Самка Ибраимовски, во своето излагање потенцираше дека образованието е столб на иднината на Ромите во Македонија и дека е една од најважните области за подобрување на нивната состојба.

“Неопходно е да се обезбеди системски интегриран пристап кон образованието уште од најмала возраст кај децата сé до нивно вработување. Да се зголеми бројот на деца во предучилишните установи – градинките и децата да го изучуваат македонскиот јазик за да можат полесно да се интегрираат во основното образование. Затоа, неопходно е да се направат уште стимулативни мерки за Ромите во однос на процесот на образование“, рече Ибраимовски.

Заменик министерот за образование и наука, Петар Атанасов, се сложи со пратеникот Ибраимовски и рече дека Ромите треба да се вклучуваат во сите активности поврзани со развојот на ромската заедница. Генерално, вели Атанасов, низ институциите на системот се дефинираат три важни теми во образованието, како што се партиципација или инклузивноста за сите, дали и како да се постигне квалитетно образование и каде одат учениците откако ќе добијат квалитетно образование.

Директорот на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, Милутин Станчиќ, рече дека „со оглед на тоа што ромската заедница е најмаргинализирана заедница во Македонија и пошироко, таа исто така се соочува и со најголеми проблеми во образованието.

“Тоа се недостаток на интегрирани податоци за број на деца кои се подготвени за вклучување во образовниот процес, голем процент на ученици Роми кои не се запишани во прво одделение, поголем осип кај учениците Роми од основното и средното образование во споредба со другите заедници, значителен број на ромски семејства ја напуштаат државата поради што учениците го прекинуваат образованието. Имајќи ги предвид наведените проблеми, Управата заедно со другите колеги во МОН, континуирано работи на развивање на политики, програми и проекти за подобрување на образованието на Ромите во Македонија“, потенцираше Станчиќ.

Тој потенцираше дека како резултат на работата не Ромските Образовни Медијатори во периодот од септември до ноември 2018 од идентификувани незапишани 300 ученици на возраст за прво одделение, се запишаа околу 260 ученици, за кои веројатноста беше висока за да не се запишат во прво одделение.

Давид Рама, претставник на Центарот за грижи за семејства и деца КМОП, во рамки на проектот  спроведе анализа на политики и законски регулативи кои ги таргетираат образованието на Ромите.  

“Истражувањето покажа значителни проблеми поврзани со неадекватна имплементација на законските решенија, стратегиите и акциските планови за маргинализираните групи и Ромите во Македонија. Исто така, произлезе документ со препораки кои ги адресираат проблемите и ја потенцирам нивната важност за националните и локалните институции да ги земат в предвид“, вели Рама.

Проектот е финансиран од Европската Унија и се имплементира во рамки на ИПА програмата Civil Society Facility and Media Programe 2015 (Reference: EuropeAid/151569/DD/ACT/MK) која е менаџирана од страна на Делегација на Европската Унија во Република Македонија. Целта на завршната конференција е да се дискутираат предизвиците, проблемите и промените во  образованието кај Ромите во Македонија, како и постигнати резултати од имплементацијата на малите грантови за унапредување на образовната инклузија кај ромската заедница во 9 општини во Македонија.