Новите истражувања на НАСА потврдија дека Сатурн полека, но сигурно ги губи прстените. Магнетното поле од планетата ги влече прстените кон неа во вид на дожд од фина ледена прашина. Истражувањето ги потврди првичните набљудувања направени пред повеќе децении, со леталата Војаџер 1 и Војаџер 2.
Во прв момент, тогаш, истражувачите проценуваа дека прстените наполно ќе исчезнат за околу 300 милиони години. Но ако се земат предвид и мерењата направени од сондата Касини, времето на потполно исчезнување на прстените драстично се намалува за помалку од 100 милиони години, што е релативно краток временски период, ако се има предвид дека Сатурн е стар нешто повеќе од 4 милијарди години.
Научниците долго време дебатираа околу тоа дали прстените на Сатурн настанале заедно со планетата или, пак, планетата ги стекнала многу подоцна. Најновите истражувања одат во прилог на второто сценарио. Имено, податоците укажуваат дека староста на прстените најверојатно не е поголема од 100 милиони години, колку што би му требало на C-прстенот да се разретчи од претходната густина којашто сега ја поседува B-прстенот. Џејмс Одонохју од истражувачкиот центар Годар на НАСА, вели дека како луѓе имаме неверојатна среќа што можеме да ги набљудуваме прстените на Сатурн, бидејќи тие се некаде на половина од нивниот животен циклус. Луѓето временски ја промашиле оваа можност кога станува збор за прстените што најверојатно ги краселе и другите гасни џинови – Јупитер, Уран и Нептун, коишто денес имаат едвај забележливи прстенчиња околи нив.
За потеклото на самите прстени постојат повеќе теории. Ако планетата ги стекнала подоцна во нејзиниот животен циклус, прстените најверојатно се формирале при судирот на малите, замрзнати месечини коишто некогаш се наоѓале во орбитата на Сатурн. Сударите е сосема веројатно дека биле предизвикани од пертурбациите во нивните орбити под дејство на гравитацијата од планетата или, пак, додека некој астероид или комета се разминале со планетата.
Првите знаци за ледениот дожд кој потекува од сатурновите прстени, потекнуваат од еден навидум одделен феномен што бил забележан при набљудувањата на Војаџер. Според добиените податоци биле забележани чудни варијавии во наелектризираноста на јоносферата на Сатурн, потоа и варијации во густината на прстените, како и неколку темни појаси што ја опкружувале планетата на средните северни географски широчини. Овие темни појаси се појавуваат и на фотографиите од магливата стратосферата на Сатурн, направени од Војаџер 2. Во 1986 година бил објавен труд којшто овие темни појаси ги врзувал со формата на огромното магнетно поле на Сатурн. Трудот предлагал дека наелектризираните честички мраз од прстените ги следат невидливите магнетни линиии и како дожд паѓаат во горната атмосфера на планетата на местата каде што овие линии се појавуваат. Доводот на вода од прстените се случува на специфични географски широчини, додека светлината што се рефлектира од маглата во стратосферата помага во истакнувањето на темните појаси што се појавуваат на фотографиите од Сатурн.
Прстените на Сатурн во најголем дел претставуваат смрзната вода. Притоа пречникот на парчињата мраз варира од микроскопски големини до цели карпи со пречник од по неколку метри. Прстените опстојуваат во орбитата на Сатурн поради кревкиот баланс помеѓу центрифугалната сила на нивното орбитално движење и гравитациската привлечност на планетата. На некои места во прстените, при промена во наелектризираноста на честичките мраз, балансот се нарушува, па тие честички продолжуваат со движење долж магнетините линии, привлечени од гравитацијата на Сатурн.
Кога еднаш ќе се најдат во јоносферата, честичките испаруваат и хемиски реагираат со опкружувањето. При овие реакции може да се продолжи животниот век на наелектризираните честички, таканаречените H3+ јони. Сончевата светлина додава нова енергија на H3+ јоните поради што тие емитуваат светлина во инфрацрвеното светлинско подрачје, како што беше забележано неодамна при набљудувањата направени со посебните инструменти на опсерваторијата Кек на Хаваите.
Набљудувањата открија вакви светлински прстени и на северната и на јужната хемисфера на Сатурн, на местата кадешто магнетните линии ја сечат рамнината во којашто прстените навлегуваат во планетата. Бил откриен и уште еден сјаен појас на нешто повисока географска широчина на јужната хемисфера, на местото каде што линиите од магнетното поле ја пресекуваат орбитата на геолошки активната месечина Енцелад, чиишто гејзири исфрлаат големи количини на вода во вселената. Откритието потврдува дека овие честички на крај, завршуваат како дожд од смрзнати честички во атмосферата на Сатурн.
Следен чекор на истражувачите е да се утврди дали количината на врнежи коишто потекнуваат од орбитата околу Сатурн, варира со промената на сезоните, бидејќи промената на годишните времиња значи и промена во изложеноста на прстените на сончевата светлина и аголот под којшто Сонцето ги осветлува.